Македонија
22. January 2023 - 16:29

Младите бараат политиката да се тргне од МКЦ

Со музички настапи пред МКЦ младите реагираат на последните одлуки од градските власти. Бараат политиката да ги тргне рацете од културата и младите, протестот е против последните одлуки на градските власти за смена на директорот и кратење на буџетот за МКЦ. За оваа година градоначалничката Арсовска им отстапи само 32 000 евра што е кратење од 92 проценти од досегашниот буџет.

Не им се јасни причините за смена на досегашниот директор и бараат да биде спроведен регуларен конкурс за избор на нов. Реагираат и на случувањата од петокот кога непознати лица влегле да прават ревизија во МКЦ.

Арсовска минатата недела го смени досегашниот в.д директор и постави лице без никакво искуство во МКЦ. Новиот директор е Никола Алексов дипломиран детектив кој беше примен преку агенција за привремени вработувања, два дена пред да биде назначен за в.д директор. Од МКЦ реагираа дека досегашниот раководител е разрешен бидејќи не сакал да вработи две лица по директива на генсекот на Град Скопје, а тоа е новиот директор и пејачот Бени Шаќири, кој и пред неколку години предизвика остри реакции кога претендираше да биде поставен на чело на МКЦ.