Македонија
23. November 2026 - 16:35

Младите брачни двојки ќе можат полесно да дојдат до сопствен дом

Младите до 35 години ќе можат поевтно до дојдат до сопствен дом. Премиерот најави ново законско решение, кое опфаќа два модели. Првиот – за купување стан и вториот за изградба на куќа. Секој  инвеститор ќе мора 10% од ново изградените објекти да ги понуди на младите брачни двојни, по цена која е за 20-отсто пониска од пазарната. Така на пример, ако квадрат се продава по 2,500 евра, младите ќе можат да го купат за 2000 евра квадрат. Премиерот тврди дека во предлог законот ќе има заштитни механизми, каде злоупотреби од страна на инвеститорите, нема да бидат можни.

Од градежната комора мерката ја оценуваат како добра можност младите да си го решат станбеното прашање и да ги задржи да останат во земјава. Сепак, бараат и тие да бидат вклучени при креирање на законот и да бидат вградени  механизми со кои и тие ќе бидат заштитени од растечките цени на материјалите и работната сила.

Освен попуст за квадрат, најавена е и мерка ослободување од плаќање комуналии во општината за младите кои сакаат да изградат куќа. Опозициската СДСМ мерките ги оценија како дискриминаторски и противуставни. Сметаат дека не смее да има старосно органичување и прашуваат што ќе биде со немажените и неженетите до 35 години во земјава. 

Инаку поволности за младите имаше и во 2012 та година, преку проектот Купи куќа, купи стан. Тогаш државата субвенционираше дел од ратата за кредит, во зависност од избраниот модел.