Македонија
14. February 2026 - 16:31

Младите и социјалните мрежи

Сите се согласни дека интернет просторот и социјалните мрежи за малолетниците треба да бидат строго контролирани, но останува дилемата кој да го прави тоа, државата или родителите.

Министерот за дигитална трансформација, пред неколку дена истакна дека државата не сака забрана туку родителска контрола во рамки на проектот MKSafeNet, кој 1 година се спроведува во училишта. Овој став го поддржа и дел од наставниот кадар, родителите пак се поделени.

„Јас сум за, имам 3 деца и јас со нив нон стоп зборувам дека не треба да користат. Тоа треба државата да си го преземи, а ние како родители како ќе преземиме кога пред 2 години за онлајн настава мораше да има телефони. Значи системот, образованието пред се треба да им забрани користење, а родителите нормално ќе си го почитуваат законот“, истакна еден граѓанин.

„Па и јас сум родител и јас го ограничувам моето дете. Не знам што да речам.

Државата треба да преземи?

Да. Но како ќе преземи државата, во мојот дом кој ќе иди да контролира, така да ние како родители треба да ги ограничиме“, додаде друг граѓанин.

Со поделени мислења и самите малолетни ученици.

„Јас до некој дел не се согласувам со тоа, бидејќи јас и сите користиме социјални мрежи секојдневно.

Треба да има ограничувања?

Не, јас мислам дека не треба да има ограничувања“, вели еден ученик.

„Јас мислам дека тоа е точно, бидејќи може многу лошо да влијае интернетот на некоја млада личност, поточно во тинејџерските години, бидејќи има многу навредување и треба да се ограничи“, додаде друг ученик.

„Можеби треба, некои многу ги користат на глупости и неубави работи“, кажа трет ученик.

Психолозите пак повикуваат на итна контрола поради штетноста на самите процеси.

„Децата ги губат моторичките вештини, треба да трчаат, да играат. Играта е важен психолошки елемент каде децата така се развиваат. Исто така кај децата гледам се губи многу фокус, концентрација, постигнуваат помалку академски успеси, се јавува агресија, анкциозност, депресија“, изјави Ана Алексоска, психолог

Дека треба да има контрола на користењето на социјалните мрежи од страна на младите согласни се сите фактори, но како ќе се спроведува сето тоа во иднина останува детално да се дефинира.