Македонија
13. March 2026 - 12:31

Младите од Црвениот крст во Струмица со мали проекти поттикнуваат хумани дела

Преку мали проекти младите од Црвениот крст во Струмица ги поттикнуваат своите врсници на волонтеризам и активно учество во заедницата. Годинава, 33 ученици на возраст од 13 до 17 години се приклучиле на програмата „Промоција на хумани вредности“, преку која осмислуваат сопствени иницијативи со цел да помогнат во локалната заедница.

Проектите најчесто се насочени кон хуманитарни активности, заштита на животната средина и поттикнување на толеранција и соживот. 

Младите велат дека преку програмата не само што стекнуваат нови пријателства, туку и учат како преку сопствена иницијатива да помогнат таму каде што е најпотребно. Дел од нив веќе размислуваат и за нови иницијативи, меѓу кои и еколошки активности за почиста животна средина и подигнување на свеста кај граѓаните за поголема грижа за градот.

Програмата „Промоција на хумани вредности“ на Црвениот крст се спроведува на национално ниво во 33 општински организации, со вклучени повеќе од 1200 млади. Преку нивните мали проекти секоја година се собираат средства и се реализираат илјадници волонтерски часови насочени кон помош и подобрување на локалните заедници.