Македонија
18. April 2026 - 16:39

Многу малку сестри во одделите за интензивна нега

Без соодветна плата и услови за работа, алармантно е намален бројот на медицински сестри во одделите за анестезија и интензивно лекување. Од здружението што ги обединува овие здравствени работници велат дека е крајно време да биде вклучено црвеното светло и надлежните да бараат решение. Се грижат за најкритичните болни, обврските се сериозни а работат далеку од пропишаните стандарди –една сестра на еден пациент.

-  Еден пациент една медицинска сестра. Кај нас реално во оваа ситуација сега имаме 4-5 пациенти на една сестра, тоа е загрижувачко и алармантно. Оптеретувањето е големо, тоа се пациенти кои се под 24 часовен мониторинг и мода да се изнајде решение да имаме повеќе сестри и при тоа тие треба да бидат едуцирани и образовани и да додадам , сестри на интнзивна нега треба да имаат и специјализација за својата стручност, изјави Јулијана Казанџиска, претседател на здружение на медицинск исестри на анестезија, интензивно лекување 

Како здружение велат дека постојано алармираат за состојбата со недостаток на медицински сестри во одделите за анестезија и интензивно лекување, но додека чекаат решение, постојано има одлив на овој кадар кој не само што ја напушта установата туку и државата.

- Се помалку се вреднувани, се помалку платени и премногу оптеретеност, тие веќе наоѓаат друг начин односно кариерата ја насочуваат во странство, вели Казанџиска. 

Медицинските сестри имаат можност и за објавување на научни трудови за да бидат сериозно препознаени во светот и соодветно вреднувани. За оваа дискутираа и на третиот конгрес на сестри на анестезија, реанимација и интензивна нега. Вчера и денес теми на дискусија се нивната одговорност како здравствени работници во многу сегменти меѓу кои и третманост со големиот број повредени од трагедијата во Кочани.