Македонија
8. March 2026 - 14:55

МНРиНТ: Евакуираните македонски државјани од ОАЕ кои со организиран лет се враќаат во земјава вечер ќе слетаат во Скопје

Евакуираните македонски државјани од Обединетите Арапски Емирати, кои со организиран лет се враќаат во Република Северна Македонија, се очекува да слетаат на Меѓународниот аеродром Скопје вечер околу 21:15 часот, информират од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. 

На аеродромот патниците ќе ги пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека се организирани чартер летови од Саудиска Арабија, кои ќе ги прифатат македонските граѓани присутни во Катар и Кувајт. Очекувањата се, како што рече, дека овие патници ќе отпатуваат во среда.

-Деновиве се организирани вкупно четири чартер летови, со неколку десетици слободни места. Дел од државите во регионот замолија и нивни граѓани да пренесеме, односно да ги донесеме во Македонија, рече Мицкоски.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија претходно соопшти дека денеска почнува евакуацијата на македонските државјани од земјите од Блискиот Исток, која ќе се реализира со комерцијални чартер-летови.

Од Министерството информираа дека склучиле договор со авиокомпанија, согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка. Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на следната недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање.

Според последните податоци Амбасадата во Доха ја контактирале 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале вкупно 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и 5 од Кралството Саудиска Арабија.

Министерството, како што е наведено во соопштението, уште еднаш ги повикува сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со надлежните дипломатско-конзуларни претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го сторат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на ДКП-ата или преку СОС-бројот на Министерството.

Техничките и организациските детали околу реализацијата на летовите, како што посочуваат од МНРиНТ, ќе бидат утврдени во координација со економскиот оператор, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани.

 

МИА

Ново на Сител