Над 270 инспекции на бензинските пумпи – Привремен недостиг на гориво на дваесетина станици
Пазарните инспектори излегоа на терен да прават вонредни контроли откако на социјалните мрежи се проширија информации дека на дел од бензинските станици не се точи гориво.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојкоски, за Сител изјави дека во изминатите три дена биле спроведени над 270 контроли на пумпите низ целата држава.
При инспекциите било утврдено дека кај дваесетина бензински станици имало привремен недостиг на гориво. Сепак, како што посочува Стојкоски, прекинот во снабдувањето траел кратко — од еден до два часа, додека се дополнат резервоарите, по што точењето продолжувало без проблеми.
Поради тоа, инспекторите не напишале казни.
Според првиот човек на Пазарниот инспекторат, причина за привремениот недостиг била нагло зголемената побарувачка за гориво, која била и до четири пати поголема од вообичаеното.
Ова го потврди и премиерот Мицкоски.
- Забележани се такви однесувања на некои пуми во пограничните општини затоа што има голем притисок од соседните држави каде што цените на енергенсите се повеќе од 40-50% поголеми од цените кај нас. Да речеме во соседна Србија, таа е меѓу 120 и 130 денари за литар, зборувам за дизелот, кај нас е 71 денар. И како резултат на таквиот притисок ние имаме огромно зголемено количество на трошење нафта и нафтени деривати. Можеби поради тоа на одредени бензински пумпи дошло до недостиг на количините – вели Мицкоски.
Првиот човек на Пазарна апелира до граѓаните да не се шири паника и да не се создаваат непотребни колони од автомобили на бензинските станици.
За ограничувањата на дел од бензинските пумпи, каде што на потрошувачите им е дозволено да наточат најмногу до 50 литри гориво, Стојкоски вели дека таквата мерка е законска.
Лимитот бил воведен поради случаи во кои странски камиони точеле и до два тони гориво, по што ја напуштале државата. Според него, ваквата пракса можела да предизвика недостиг на гориво за домашните потрошувачи.
Регулаторната комисија за енергетика утре ќе донесе одлука за нови цени на дериватите. Премиерот неколку пати кажа дека ако има драматичен скок, Владата ќе реагира веднаш. На располагање се две мерки: да се намали акцизата или ДДВ-то.
Регулаторна во средата го измени и правилникот за да обезбеди сигурност во снабдувањето. Одлука за нови цени на горивата ќе носи еднаш неделно, само во понеделник.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
