Македонија
28. October 2026 - 12:22

Најмладиот пациент со мозочен удар на 26 годишна возраст

На само 26 години е најмладиот пациент со мозочен удар примен годинава на одделението за неврологија. Иако најчесто ги погодува повозрасните, мозочниот удар сè почесто се јавува и кај помладите. По повод Светскиот ден на мозочниот удар, на Градскиот плоштад во Штип се спроведе бесплатна акција за мерење на шеќерот во крвта и крвниот притисок, два важни показатели кои можат да укажат на зголемен ризик од мозочен удар.

- Целта е рано да се препознаат симптомите на мозочен удар, како што се, пореметуање во говорот, слабост или одземеност на едната страна од телото, главоболка, појава на пречки во видот, на двојни слики и слично, што би ги натерало луѓето што порано да се јават на лекар, бидејќи главната цел е, побрзо да дојдат на лекар, побрзо да ја примаат терапијата, зашто секоја изгубена минута, значи и изгибени мозочни клетки, изјави  д-р Елена Личкова, специјалист невролог и субспецијалист неврофизиолог.

Мозочниот удар е една од водечките причини за смртност и инвалидитет во светот. Според Светската здравствена организација, годишно се регистрираат околу 12 милиони нови случаи, а проценките покажуваат дека еден од четворица возрасни ќе доживее мозочен удар во текот на животот. Сепак, голем дел од ризикот може да се намали со промени во секојдневните навики. Лекарите препорачуваат најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно за возрасните. Токму затоа, ваквите акции се можност, превенцијата да стане дел од секојдневната грижа за здравјето, а не само реакција кога веќе ќе се појават симптоми.