Модуларната болница во Штип, подготвена за прием на пациенти од „Мој термин“
Речиси целосно е финализирано внатрешното уредување на модуларната болница во Штип. Според најавите, до крајот на оваа и почетокот на наредната година дел од амбулантите ќе бидат дислоцирани во овој објект, со што значително ќе се подобри протокот на пациенти и навременото остварување на здравствените услуги.
Паралелно со тоа, интензивно се работи и на уредување на паркинг-просторот пред самата модуларна болница.
-Внатре модуларната болница 99% е завршено. Набавено е се што е потребно, климатизирано е, се е реконструирано и од минатата недела сме во преговори кон специјалности би можеле да дојдат овде. Планираме за да не трпат пациентите, за празниците дел од амбулантите да бидат префрлени таму. Се прави и паркинг плац кој ќе биде тампониран, изјави Влатко Захариев, директор на КБ - Штип.
За почеток, во модуларната болница ќе бидат сместени хирургијата, ортопедијата и одделението за уво, нос и грло. Надлежните најавуваат дека ќе продолжат напорите за воведување и на други специјалности, со цел граѓаните на едно место и за пократко време да ги добијат потребните здравствени услуги.
-Целта ни е, сите специјалности од „Мој термин“ во догледно време, зашто не може преку ноќ, да бидат во модуларна и пациентот со едно одење да си заврши работа кај повеќе специјалисти– додава Захариев.
Модуларната болница беше поставена за време на ковид-пандемијата, а со нејзиното ставање во редовна функција се бара трајно решение за искористување на објектот, со цел да не биде оставен да пропаѓа или да стане мета на кражби.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
