Москва негира поврзаност со убиените цивили во околината на Киев
40ти ден од војната во Украина. 410 тела се пронајдени во градовите во близина на Киев, како дел од истрагата за можни воени злосторства извршени од страна на Русија. Ова го соопшти државниот обвинител на Украина, градоначалникот на Буча град кој се наоѓа на 37 км северозападно од украинската престолнина соопшти дека 300 цивили биле убиени од руските сили, додека пак чеченските борци ја контролирале областа. Украинските сили почнаа да ги враќаат областите околу главниот град откако руската војска се повлече во последните денови. Москва негира за напади врз цивили и оттаму најавија дека и тие ќе водат истрага за случувањата во Буча кои ги нарекоа украинска провокација. Шефот на рускиот истражен одбор најави специјална истрага по повод т.н намерно ширење на лажни информации за активностите на руските вооружени сили во Буча.
Според последниот оперативен извештај на украинската војска од утрово, Русија почна скриена мобилизација на околу 60 илјади војници за да ги надополни единиците по загинатите војници во Украина.. Властите соопштија дека спречиле 7 напади на територијата на Доњецк и Луганск во текот на изминатиот ден.
Хуманитарен коридор од опколениот југоисточен украински град Мариупол, денеска ќе биде во функција.
Европската унија ги смета руските власти одговорни за злосторствата во украинските градови бидејќи тие имаа целосна контрола врз сега ослободената област и најавуваат нови санкции кон Русија.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
