Македонија
9. July 2026 - 16:41

Можно е пак да има мерки за цените на горивата

Можно е Владата повторно да ги активира мерките за цените на горивата. Откако нафтата на светските берзи скокна на околу 80 долари за барел, по новите напади на Блискиот Исток, премиерот Мицкоски вели дека состојбата се следи. Доколку има потреба, мерките стојат на располагање. 

Оцени дека актуелните случувања создаваат неизвесност на енергетските пазари, но уверува дека државата има доволно резерви и план за навремено снабдување со енергенси.

Мицкоски посочи дека Македонија и натаму има најниски цени на горивата во регионот.

„Статистички имаме најниска цена и убедливо најниска цена. Некој ќе рече: „Ама нашата плата колкава е, колкава е цената на бензините или на дизелот?“ Да, така е, но тоа е берзански производ. Тоа не зависи од претприемачка логика, тоа не зависи од политики на Владата. Тоа е берзански производ и сите од иста берза купуваме. Процесот е како го менаџираме од тој момент додека го користат граѓаните. И така било со децении наанзад. Така што, тој сеир ќе го оставам на оние коишто сè уште живеат во тоа политичко мочуриште како што е опозицијата“, кажа тој. 

Мерките за горивата беа во сила од крајот на март до средината на јуни. Владата интервенираше со намалување на ДДВ-то и акцизите. Ценовниот шок се амортизираше, но за сметка на тоа, само поради кратењето на акцизите државната каса остана покуса за околу 24 милиони евра. 

Опозицијата, пак, критикува дека единствено нешто во што Владата била успешна се задолжувањата.

„Мицкоски со лаги дојде на власт, со лаги владее. Ветуваше дека економијата ќе биде „тигар“, ветуваше „инвестициски бум“, ветуваше подобар животен стандард. Ништо не исполни. Две години подоцна, резултатите се поразителни, а цената ја плаќаат граѓаните – со празни џебови и сè потежок живот“, истакна Наташа Поповиќ од СДСМ.

Инфлацијата почна да се смирува. Државна статистика измери раст во јуни од 3,4 проценти. Пазарните инспектори, пак, констатирале дека поскапувањето во дел од маркетите не доаѓа од повисоките набавни цени, туку поради зголемените профитни маржи. Причините за ваквото однесување ќе се разгледуваат на средба во Владата следната недела.