Можно ли е деблокирање на спорот со Бугарија?
Муцунски во Вашингтон, Мицкоски во Будимпешта. Дипломатски активности на владините функционери во обид за решавање на спорот со Бугарија.
Ова доаѓа откако Европската Комисија за 4 јуни закажа гласање на извештај во кој се нагласува посебноста на македонскиот јазик и идентитет. Токму пред гласањето на овој извештај владините претставници се убедени дека договорите за стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави и со Велика Британија се клучот за решавање на проблемот, бидејќи сметаат дека овие две држави можат да извршат притисок врз Софија.
Муцунски веќе се сретна со државниот секретар на САД, Марко Рубио. По средбата рече дека двајцата колеги ја потврдиле силната стратешка поврзаност меѓу двете земји.
-Во духот на зајакнатото партнерство поддршката од САД продолжува со засилен интензитет особено во реформските процеси, зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Во време на сложени безбедносни предизвици со кои се соочува светот заклучивме дека е од клучно значење да продолжиме да работиме на одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на глобално ниво, вели Муцунски.
Премиерот утре ќе патува во Будимпешта кадешто ќе се сретне со неговиот унгарски колега Орбан, а ќе учествува и ќе се обрати на СПАК конференцијата, највлијателен собир на конзервативците во светот. Одговарајќи на пратеничко прашање денеска во Собранието рече дека Европа ќе го донесе документот за малцински права. Токму на тоа тврдење го темели ставот дека нема отстапки се додека не види Македонци во бугарскиот Комитет за малцинства.
-Сега треба да биде од страна на земјите членки усвоен Документот за малцински права. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го подготви тој документ и го испрати во Брисел. Дури успеавме да ангажираме и, про боно, без да биде на трошок на граѓаните, консултант на предлог на Европската Комисија да ни каже каков е овој документ и да биде европски документ, не наш. Еве ќе видиме како ќе реагираат на тој документ нашите партнери во НАТО, односно нашиот источен сосед, Бугарија, вели Мицкоски.
И вицепремиерот и министер за политички систем е убеден дека може да има поместување од мртвата точка. Во Тема на денот рече дека верува дека дипломатската офанзива може да даде резултат.
-Кога веќе имаме посериозна поддршка и многу сериозна соработка со нашите стратешки партнери, патем да кажам дека и Турција е наш стратешки партнер, веќе имаме поинаков фидбек од европската страна во која се земаат предвид и македонските ставови, вели Димовски.
Сепак, во во само една недела во Скопје беа првиот човек на Европскиот Совет, Антонио Кошта и шефицата на европската дипломатија Каја Калас кои беа децидни дека ЕУ нема План б за интеграцијата на Македонија и дека Скопје мора да си ја заврши домашната работа, односно да ги вметне Бугарите во Уставот, согласно Пристапниот договор.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар