Муцунски: Државата не може да биде подготвена да прави уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на нејзиниот европски пат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска пред собраниската Комисија за надворешни работи рече дека целосно ја поддржува изјавата на премиерот дека државата не може да биде подготена да прави уставни измени без јасни гаранции и јасна предвидливост на нејзиниот европски пат.
Потсети на изјавата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кој пред околу една година кажа дека нашата држава треба да добие дополнителни гаранции, но и на министерот за надворешни работи на Белгија кој пред неколку дена во Скопје кажа дека на нас како на држава треба да ни се дадат дополнителни уверувања.
- Зошто? Затоа што ние треба да ја погледнеме праксата спрема нашата држава. Таа е пракса на 30 години отстапки, најголем дел од нив отстапки од национална природа со ветување за предвидливост и после неколку месеци, повторно да се доведеме во целосно иста ситуација, рече Муцунски.
Министерот посочи дека истовремено отворено ќе зборува за пристапот на Владата на соседна Бугарија бидејќи не е само прашањето за уставните измени. Гледаме, додаде Муцунски, еден ретрограден пристап кон Акцискиот план за малцинства, документ којшто се подготвува и е во завршна фаза. На него покрај национални експерти работат и меѓународни експерти ангажирани од Советот на Европа.
- Да ја погледнеме праксата на соседна Бугарија во блокирањето на нашата иницијатива за членство во „Трите мориња“, иницијатива која што нема врска со ЕУ, но Бугарија повторно одлучува и во таа меѓународна иницијатива да користи право на вето. Треба да се гради доверба, треба да постапуваме во добра верба, но истовремено ние не можеме лековерно да се поставуваме бидејќи некој ни вели само тоа направете го и понатаму чист ќе ви биде патот, истакна Муцунски.
Нема дилема во кој геостратешки правец се движи државата, вели тој, но во делот на националниот интерес на прашањата поврзани со историја, јазик и идентитет треба да ставиме една конечна, не само точка и извичник тука државата не е подготвена да преговара.
Муцунски во одговорите на прашањата на пратениците од Европскиот фронт поврзани со ЕУ и уставните измени посочи дека прашањата поврзани со националните отстапки кон македонскиот народ се сериозно болни и тешки и оти немаме никаква гаранција дека тие тука застануваат. Според него, граѓаните во државата без разлика на етничката припадност треба да се обединат и да кажат дека ни е јасен европскиот приоритет, но „истовремено нема потреба да зборуваме за зголемување на апетити, за влошување на меѓуетнички односи“. - Затоа што јас сакам да верувам дека ова општество е созреано од минатото и може да се движи напред врз основа на стандард и критериум, рече Муцунски.
Нашата позиција има два фундаменти, појасни тој. Прво, потребата од институционални гаранции насочени кон потврда дека во периодот кон пристапни преговори на нашата држава македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, и посебноста коишто тие ги имаат нема да бидат дел од пристапните преговори и нема да претставуваат услов за напредок на нашиот пат кон полноправно членство. Вториот аспект, рече министерот Муцунски, е нашето очекување дека соседна Бугарија ќе ги почитува своите обврски согласно меѓународното јавно право согласно Европската конвенција за човекови права обврската потврдена на ЕСЧП, а е врзана со регистрација на организациите на Македонците кои живеат во Бугарија.
Денес сме поблиску до ЕУ, рече министерот за надворешни работи и надворешна политика политика одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче.
- Фактите говорат сами по себе. Фактички сме поблиску до Европската унија. Точно е дека ние немаме отворено пристапни преговори со ЕУ, но истовремно е факт дека имаме алатка од ЕУ на располагање. Таа се нарекува реформска агенда. Јас истакнувам дека реформската агенда не може да ги замени пристапните преговори, но може да биде енормно корисна алатка за да движиме процеси кои потоа ќе и олеснат кога ќе ги почнеме пристапните преговори, рече министерот за надворешни работи и надворешна политика Тимчо Муцунски на денешната седница на Комисијата за надворешна политика одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче дали сме денес поблиску до Еу.
Ако се погледнат фактите и резултатите од последниот еволуционен период за тоа што се прави во делот на европската агенда, недвосмислено, потенцира тој, државата има сериозен напредок иако има и други реформи што треба да се спроведуваат.
- Ако барате одговор да или не, простиот одговор е да, без никаков сомнеж. Во делот на политичките предизвици, тешко е да се даде гледиштето кога сме биле поблиску кога сме биле подалеку. Сите вие се сеќавате кога се случуваше промената на уставното име на државата, па сите ни ветуваа дека од тој момент сме многу поблиску од кога било. Па, видовме после неколку месеци како целосно се промени таа реторика па од најблиску станавме најдалечни - рече Муцунски.
Процесите со ЕУ, потенцираше тој, ние цениме и целиме да ги водиме врз основа на објективни и меритократски критериуми. - И ако ме прашувате врз основа на објективни и меритократски критериуми кој што се дел од фундаменталните вредности на ЕУ, дел од политиката за проширување, дали државата е поблиску или подалеку за мене е ноторен факт дека државата е поблиску до полноправно членство во ЕУ. Но, не негираме и не бегаме од тоа дека имаме билатерален политички предизвик - рече Муцунски.
Посочи на неодамнешната изјава на белгискиот министер за надворешни работи во која, како што рече Муцунски, има пофалба за државата во делот на нејзината реформска посветеност.
Министерот за надворешни работи рече дека не може да биде рецензент на изборните резултати во Бугарија за коишто кажа дека се одраз на демократска волја на граѓани и нерелеватно е дали нам субјективно ни се допаѓа тоа или не.
- Граѓаните одлучиле која влада ќе ја предводи Бугарија и ние имаме обврска да градиме почит и доверба со таа влада, но очекуваме почитта и довербата да биде двострана улица, како што ние ја даваме, на ист начин да ни се возвраќа. Имаме за цел кога ќе се формира новата Влада во соседна Бугарија, веднаш да започнеме дијалог. Многу значаен дел од тој дијалог е надминување на овој предизвик, на овој неправеден спор но исто така има и тековни прашања во билатералните односи. Го спомнавме Коридорот 8, но има и други значајни елемнти кои треба да ги придвижуваме во интерес на деловните заедници и во интерес на туризмот, за секојдневните граѓани - рече Муцунски.
Пратеникот Снопче праша и за иницијативата пратениците, но и други функционери да немаат двојно државјанство и колкумина пратеници и функционери имаат бугарско државјанство, Муцунски рече дека Законот за надвореши работи не дозволува двојно државјанство и ја поддржува дебатата за укинување на двојното државјанство за функционери. Дополнително, кажа и дека министерката Божиновска се откажала „од тоа државјанство“ и повикува пратеникот да ја погледне нејзината изјава во однос на тоа прашање. Во однос на гледиштата на евроамбасадорот Вајц, Муцунски рече дека не сака да невлезе во полемика со него, но оти тој говори врз основа на факти.
- Јас кога вели дека државата напредува врз основа на реформска агенда, говорам врз основа на информации на евалуциони периоди добиени од ЕК, кој што ни вели имаме значителен напредок, и кои вие ги гледате, рече Муцунски.
Претходно министерот за надворешни работи имаше опсежно експозе за надворешната политика во изминатите две години.
МИА
Ново на Сител
-

Судењето за пожарот „Пулс“ влегува во фаза на изведување материјални докази, први тие од обдукциските наоди
-

Мицкоски: Случајот „27 април“ е политички монтиран од претходната влада
-

Муцунски: Државата не може да биде подготвена да прави уставни измени без јасни гаранции и предвидливост на нејзиниот европски пат
-

Јаневска за врсничкото насилство: Институциите може да прават се како што треба, но без помош од родителите нема успех
-

ВЕЛИЧЕНСТВЕН ДЕН ВО ПАРИЗ: Осветен новиот иконостас и фрескопис во храмот „Св. Кирил и Методиј“
-

Мисајловски: Нашите македонски војници работат согласно највисоките НАТО стандарди
-

Сиљановска-Давкова од Криволак. Она што го прави НАТО со стандардите, да го прави ЕУ со Копенхашките критериуми, тие треба да важат за сите
-

Тошковски: Ќе се воведе ново овластување со кое полициски службеник да може веднаш да изрече итна мерка за жртвата на семејно насилство и сторителот да го отстрани од домот
