Македонија
9. October 2026 - 16:30

Владата пресмета колку пари месечно му требаат на четиричлено семејство

Владата пресмета - 58.475 денари му биле потребни на четиричлено семејство за да ги покрие трошоците во август. Државната просечна кошница е за над 10 илјади денари поевтина споредено со синдикалната минимална. 

За да ја направи математиката, Министерството за економија искористило податоци од Државна статистика, цени од осум градови, 23 пазари за овошје и зеленчук и осум трговски синџири. Опфатени се 11 категории трошоци, меѓу кои храна, домување, превоз, здравство, образование и облека. Најголема разлика има кај храната и пијалоците. Министерството пресметало дека биле потребни околу 21 илјада, додека според синдикатите над 25 илјади денари.

„Министерството се води од официјалните статистички податоци и реално остварената потрошувачка на домаќинствата, додека синдикатите прават проценка на посакуваните трошоци за живот. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска. Нашата цел не е да ги минимизираме трошоците на граѓаните, туку да обезбедиме објективна и транспарентна слика за потрошувачката“, изјави министерот Дурмиши.

Во пресметката не влегува кирија или рата за станбен кредит. Синдикатите одделно ги сметаат трошоците за изнајмен стан и сосе тоа во август, според ССМ, биле потребни над 84 илјади денари.

„Според податоците од пописот во 2021 година, 95% од граѓаните живеат во свој дом“, кажа Дурмиши.

Но, ова не значи дека само 5% од граѓаните имаат трошок за кирија или кредит. На пример, студентите може да се водат на домашна адреса, а во градот каде што студираат да плаќаат кирија. Слично е и со семејствата кои секој месец отплаќаат станбени кредити, за што одвојуваат и до половина плата. 

И покрај пониската пресметка, две минимални плати не ја покриваат ниту владината кошница. Недостасуваат нешто над 6 илјади денари. Од ССМ за Сител велат дека ова е најдобра потврда за нивната математика дека сите плати треба да се зголемат токму за 6 илјади денари.

„Граѓаните и работниците најдобро знаат колку средства им се потребни за да го поминат месецот достоинствено и да си ги овозможат неопходните потреби на своето семејство и не треба никој да им пресметува како тие да живеат.

Наместо да се намалува вредноста на Синдикалната минимална кошница за 19,5 % до Владината просечна кошница, потребно е да се зголемат платите за 19,5% доколку се имаше желба да се помогне на работниците“, вели претседателот на ССМ, Трендафилов. 

Дурмиши рече дека во земјава има околу 750 илјади вработени, од кои само 30.000 земале минималец.

„Тоа е околу 2% од граѓаните што земаат минимална плата, другите сите 98% од граѓаните што се вработени во нашата земја земаат повеќе од минималната“, рече тој.

Кошницата ќе биде разгледана на седницата на Економско-социјалниот совет закажана на 19 октомври.