Македонија
2. October 2026 - 12:48

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински денеска на скопскиот аеродром ја пречека  претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

-Добредојде во Скопје за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Денеска во Скопје ја пречекав претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен - објави Муцунски на Фејсбук.

Шефот на дипломатијата нагласи дека посетата е силна потврда за европската ориентација, посветеноста на Владата на реформските процеси, целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и јасната определба за напредок во европската интеграција.

-За нас е важен јасен, кредибилен и предвидлив процес. Пред нас се конструктивни средби, со фокус на натамошниот напредок. Европски вредности, реформи, силни институции и конкурентна економија – за подобар живот на граѓаните - истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Фон дер Лајен доаѓа во официјална посета на Скопје како дел од нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Како што соопшти владината прес-служба, Фон дер Лајен ќе има тет-а-тет средба со премиерот Христијан Мицкоски, по која ќе одржат заедничка прес-конференција во Медија центарот на Владата. 

МИА