Муцунски: Ние сме „Македонски свет“ и гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика
Не треба да има никаква дилема за тоа кои се нашите стратешки правци. Државата соработува со стратешките партнери, но има обврска и да соработува со земјите од регионот. Министерот за надворешни работи одговарајќи на обвинувањата дека Македонија станува дел од т.н. „Српски свет“ вели дека за една година потпишани се Договор за партнерство во одбраната и безбедноста со ЕУ, Стратешко партнерство со Обединетото Кралство и со Унгарија, а како што тврди, тој е единствениот шеф на дипломатија од Западниот Балкан кој бил примен од американскиот Државен секретар, Марко Рубио.
- Ние сме „Македонски свет“ и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика. Луѓето, чиешто одбележје беше единствено попуштање по секоја точка по која бараше попуштање било кој наш сосед или било која земја-членка во Европа – тоа е белегот на нивната надворешна политика. Немаат никаков кредибилитет да го судат она што ние го правиме штитејќи ги националните интереси на нашата држава и на граѓаните коишто живеат во нејзе, вели Муцунски.
Критиките за влегување во т.н. „српски свет“ доаѓаат по Извештајот на Европската Унија. Поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски во интервју обвини дека политичката структура дава знаци дека српскиот свет воопшто не им е туѓ. „Не може да тврдите дека сте за вистинските европски вредности и да сакате да ја позиционирате Македонија во ЕУ, а да зборувате за специјални економски односи и партнерство со Виктор Орбан, кој е се, само не е Европеец“, рече Пендаровски.
Сега, Муцунски одговарајќи на овие обвинувања вели дека токму Пендаровски најчесто бил на средби со претставници од Белград.
- Во текот на неговите пет години како претседател на државата најмногу средби имал со претседателот на Србија, господинот Вучиќ. Деветпати се сретнал. Повеќе отколку со било кој друг претседател на држава од било која земја од Светот. Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 22 билатерални средби во период од седум години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушаме е и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи. Во четири години 11 билатерални средби со неговите колеги од Србија, вели Муцунски.
Во последниот извештај на Европската Унија Брисел изрази загриженост за т.н. проект „Српски свет“ и фактот дека некои претставници на Владата го застапуваат и промовираат овој концепт. Дополнително, ЕУ потсети на потребата за отворање на архивите на југословенските тајни служби, УДБА и КОС кои се чуваат во Белград и Скопје. Нивното отворање на ниво на целиот регион ќе значи соочување со тоталитарното минато на транспарентен начин со цел зајакнување на демократијата на Западен Балкан.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар