Македонија
27. May 2026 - 16:33

Муслиманите во Прилеп го одбележуваат Курбан Бајрам – за овој ден се разделува месо на социјално загрозените граѓани

Муслиманите денеска го одбележуваат Курбан Бајрам, вториот по големина празник во Исламот. Курбанот или жртвата го даваат оние кои што се во можност и кои што имаат за оние што немаат. За овој ден најчесто се колат овни, а потоа нивното месо им се разделува на социјално загрозените граѓани. Го посетивме семејството Рифатоски во Прилеп кои што секој Курбан Бајрам им разделуваат месо од овци на своите сожители во населбата Тризла.

„Курбан, самото име кажува дека се коле некое животно. Во овој случај може да се коли крава, теле, овца, но ние најмногу за овој ден колиме овни. Ние што имаме побеќе и сме во можност да го направиме тоа купуваме овци и ги разделуваме на сиромашните“, вели Бајрам Рифатоски – Палто, жител на Прилеп.

Рифатоски вели дека денот прво започнува со молитва во раните утрински часови во џамијата, потоа се посетуваат гробиштата и се читаат молитви за починатите, а потоа започнува раздавањето на курбанот и пречекувањето на гостите во домовите.

„Обичај имаме кај нас за овој ден помладите да доаѓаат на гости кај постарите, ние го викаме тоа „На баци рака“, но тоа е една чест, почитување на младите кон постарите. Младите доаѓаат им бакнуваат рака на постарите, се вели за многу години празникот, а постарите им викаат добредојдовте, ајде вака и до година заедно сите да го исчекаме празникот“, додаде Рифатоски.

Според муслиманите извршувањето на Курбанот е исполнување на една од заповедите на Бог.

„Суштината на Курбанот не е само колење, туку битна е намерата, побожноста и пожртвуваноста. Човек да жртвува од она што го посакува. Овој празник не учи на солидарност, дека треба да се посетат сиромашните, не учи на межусебно почитување и зајакнување на меѓусебните односи“, изјави имамот Алмир Сулејманоски.

Овие празници секогаш не потсетуваат за љубовта и почитта која треба да ја имаме еден помеѓу друг, да си помогаме еден со друг, не само за овој ден туку преку целата година.