Македонија
25. October 2023 - 16:43

МВР формирало штаб за пукањето во Ист Гејт, Спасовски уверува граѓаните се безбедни

МВР не открива кој пукаше вчера во Ист Гејт, иако сликата на напаѓачот е јавно достапна. Министерот вели се работи за пресметка на криминални групи. Посебен штаб во МВР ќе го расветлува случајот кој и зошто сака да го убие Раде Трајковски Штекли. Ова е втор пат за два месеци, во истиот трговски тој да се најде на мета на вооружени лица.

„Точно се знае и беграундот на лицето во коешто е пукано и конфликтите што ги имате, практично тие се групи криминални, кои се разбиени во најголемиот дел и за кои јас и информирав пред некое време, во многу оперативни акции што сме ги презеле, секојдневно. Самите сте сведоци дека во последниот месец имаме приведено тројца, како дел од групите коишто беа во така наречената оперативна акција „Планина“ итн, говори за еден висок степен на ангажираност и за конфротација помеѓу тие криминални групи, коишто 30 години некој ги создавал,“ кажа Спасовски.

Според видеото од безбедносните камери на трговскиот, напаѓачот точно знаел каде да ги најде Штекли и неговиот пријател. Лицето пука во нив од зад грб, додека тие се симнуваат по ескалаторот. Откако го испразни шаржерот, напаѓачот избега по ходниците на молот. Дел од медиумите објавија дека вчерашното пукање, било најавено на социјалните мрежи, но и покрај овие информации, министерот уверува граѓаните се безбедни, се работи за изолиран инцидент. 

По овие криминални пресметки на јавни места среде бел ден, министерот вели подолго време размислувале да донесат пропис со кој ќе се задолжат сите поголеми деловни и трговски обејкти да постават скенери за детектирање на оружје.

Додека истрагата е во тек, лекарите се уште се борат за животот на двајцата повредени во вчерашното пукање во Ист Гејт. На Раде Трајковски Штекли кој по втор пат е на мета, направена му е сериозна операција на белодробното крило и тој е се уште на интензивна нега. Се здобил околу 5 прострелни рани од огнено оружје.

Во животозагрозувачка состојба е и пријателот на Штекли и тој е на интезивна нега во стара градска. Од куршумите се здобил со повреди на стомакот, белодробното крило, рака и нога.