Македонија
14. October 2015 - 16:35

МВР ги намали работните позиции за поефикасно работење

Досегашните 385 различни работни места во Министерството за внатрешни работи се сведени на 39 позиции по хиерархија.

Со новата систематизација во МВР направена е поефикасна организација и полесно унапредување во кариерата. Работните места се класифицирани во 8 категории.

Од министерството информираат дека на секој вработен му е дефиниран статусот според компетентноста за функцијата, уредено е и како ќе врши распределбата на друга позиција, унапредувањето, обуките и менторството.

Овој процес финишира деновиве со давање на решенијата на вработените за соодветната позиција. Надлежните уверуваат дека со систематизацијата нема да има бркање  од работа, ниту драстична разлика во платата. Се внимавало и вработените да не бидат оштетени со порамнувањето на бодовите.

Со овој процес направени се и реформи во сите сектори на министерството. Во СВР Скопје предвидено е да има 620 полицајци повеќе, а во цела Македонија ќе има нови 934 извршители на терен. Во идниот период  се планира  за уште 45 лица да се зголеми и бројот на припадниците на Алфите.