Македонија
12. July 2016 - 16:30

МВР разби дилерска мрежа на дрога во осум градови, велешанец бил главен снабдувач, уапсени вкупно 24 лица

24 лица паднаа во рацете на полициските инспектори во последната реализација под името Лотос. 40 годишен велешанец бил организатора на групата која се бавела со продажба на дрога низ државата.

Организаторот продавал сам но имал и тројца помошници сограѓани кои хероинот, марихуната и кокаинот ги дистрибуирале до препродавачите ширум државата.

Во групата имало вкупно 11 велешани, четворица скопјани, тројца од Св.Николе, двајца од Коачни и по еден дилер кои го снабдувале црниот пазар во Штип, Кавадарци, Гевгелија и Струга. Утрово полицијата упаднала во домовите на сите учесници во групата.

Пронашле и заплениле 5.500 евра, 100 грама хероин, 160 грама смеса од кофеин и парацетамол. Имале и ваги и паковки дрога подготвени за продажба.

Полициската истрага покажала дека групата започнала со работа кон крајот на минатата година. Препродавачите по извршениот пазар дел од парите задржувале за себе а најголемиот дел го предавале на организаторот од Велес.

Полицијата претходно од истата група при приведувањето на дел од членовите запленила 30 килограми марихуана, 40 паковки хероин, автомобили со кои го вршеле бизнисот, мотори и 14 илјади евра. Кривична пријава заработиле сите 24 приведени.