Владините ветувања на проверка: Што е реализирано на половина од мандатот?
На средина од мандатот на Владата, речиси половина од ветувањата имаат одреден напредок. Ова го покажува анализата на Фајнанс Тинк во соработка со Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво и Младинскиот образовен форум.
Во анализата биле следени 142 владини ветувања. Од нив, 18 проценти се целосно реализирани, 30 проценти се во процес на исполнување, 39 проценти немаат никаков напредок, а шест проценти се движат во спротивна насока.
Во економијата има позитивни резултати, но и сериозни предизвици. Бруто домашниот производ расте, извозот закрепнува, а банкарскиот систем останува стабилен. Сепак, инфлацијата е повисока од планираното, странските инвестиции се намалени, а сивата економија расте.
Јавниот долг е под контрола, но буџетот е под сè поголем притисок. Мерките за справување со енергетската криза го зголемија трошењето, па голем дел од планираниот буџетски дефицит бил потрошен уште во првите пет месеци од годината.
Иако Владата најави намалување на дефицитот, истовремено има зголемени трошоци за пензии, плати и социјални мерки.
„Во таков контекст, Владата ќе мора да направи избор кои ветувања се приоритет и кои јавно ќе ги ревидира. Обидот истовремено да се реализираат сите би бил многу тежок. При дизајнот на политичките програми многу често само таксативно се наведуваат ветувањата без притоа да се води сметка за изводливоста за нивна реализација или за фискалните ааа импликации, па оттука доаѓаме до неконзистентност на вкупната програма која што постои и доаѓаме до колизија помеѓу одредени ветувања“, кажа Благица Петрески од Фајнанс Тинк.
Линеарното зголемување на пензиите е едно од исполнетите ветувања, но според анализата донело дополнителен притисок врз стабилноста на Пензискиот фонд.
Како неисполнето ветување е наведено укинувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа во сметките за струја, што ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го стори до крајот на 2024 година.
Најслаби резултати има во социјалната заштита. Според анализата, ветените зголемувања на надоместоците за ранливите категории не биле реализирани во најавениот обем.
Најдобри резултати има во образованието. Од 38 следени ветувања, 34 се реализирани или се во процес на исполнување. Најголем напредок има кај дуалното образование, подобрувањето на условите за учениците со попреченост и инвестициите во училиштата.
„Во поглед на инклузијата на ученици со попреченост во основното и средното образование има напредок во поглед на буџетско зголемување на средствата за инклузивно образование, вклучување на поголем број на образовни асистенти, се направи ревизија на Законот на средно образование за средно образование каде што инклузијата стана задолжителна, а училиштата за ученици со попреченост станаа ресурсни центри“, истакна Ана Мицковска Ралевска од Македонскиот центар за граѓанско образование.
Во здравството, напредок има со укинувањето на економските директори, зголемувањето на капитациониот бод за матичните лекари, проширувањето на позитивната листа на лекови и зголемувањето на бројот на бесплатни ин витро процедури од три на шест. Поголемите реформи се одвиваат бавно.
„Не се забележани видливи резултати во неколку области како што е процесот на дигитализација на здравствените услуги, понатаму пристапот до специјалистичките здравствени услуги, намалување на листата на чекање, интеграцијата на различните нивоа на здравствена заштита, реформските процеси на примарното здравство, коишто паралелно треба да се одвиваат со реформите на болничкиот систем“, вели Кирил Солески од Македонско лекарско здружение.
Доделувањето на ваучер од 250 евра за електронски уреди за студентите е едно од четирите целосно исполнети ветувања во младинскиот сектор. Сепак, минатата година не била реализирана ниту една обука за дигитални вештини.
Меѓу ветувањата кои не се исполнети се скратеното работно време за студентите и бесплатниот интернет во образовните институции.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
