Loading Video...
Македонија
16. September 2026 - 16:39

Вкупно 81 година затвор за поранешното раководство на ОВК, илјадници граѓани револтирани ја дочекаа пресудата

Во Косово славен за херој на крвавата борба за независност, во Хаг осуден како воен злосторник. Пораншниот претседател и премиер на Косово, и основач на ОВК, Хашим Тачи е осуден на 25 години затвор, за противзакноско апсење, сурово постапување, мачење на над 300 лица и 96 убиства за време на 1998 и 1999 година.

Судот во Хаг ги осуди и другите лидери на ОВК, Јакуп Красниќи доби 25 години затвор, Кадри Весели 18 години, а Реџеп Селими доби 13 години затворска казна за воени злосторства извршени врз најмалку 385 лица. Покрај лицата за кои сметале дека се шпиони и соработуваат со српските служби, во подруми и шупи биле затворани и граѓани кои одбивале да се приклучат кон ОВК како и политичките неистомисленици. Мачени, тепани, врзани со синџири и лисици и по 20 дена, спиеле во измет, кажа судијата. 

Биле тепани на различни начини се до онесвестување, им биле откорнати ноктите, врзани за нозете висејќи надолу. Некои молеле да бидат веднаш убиени, бидејќи не можеле да го издржат мачењето. 

Телата на дел од убиените, до денеска не се пронајдени. 

Хашкиот трибунал донесе одлука, но за Косовците Тачи, Красниќи, Весели и Селими остануваат ослободители и заслужни за денешната независност. Револтот по пресудата веднаш експлодираше пред судот, граѓани се качуваа и удираа по полициските возила, а полицијата мораше да употреби водени топови за да ја растера толпата.

Плоштадите во Приштина и ширум Албанија беа преполни со илјадници луѓе пред видеобимови, со знамиња и портрети на водачите на ОВК, ја следеа пресудата за Хашим Тачи и командантите. Одлуката за затвор беше дочекана со гласни свирежи, револт и солзи кај собраните граѓани. 

Слична беше ситуацијата и во Хаг.

Српската јавност реагира дека пресудата е селективна. Нивниот главен револт е што судот го занемарил периодот по завршувањето на војната во 1999 година, кога, според нив,командантите на ОВК извршиле масовни убиства, киднапирања и етничко чистење врз Србите пред очите на меѓународните сили.

Тачи е еден од клучните луѓе во формирањето на ОВК и вооружениот отпор против режимот на Милошевиќ. По завршувањето на конфликтот во 1999 година и повлекувањето на српските сили со помош на НАТО, брзо се издигна во главните политички кругови. По смртта на Ругова, го презема кормилото на владата во 2007 година, а веќе во 2008 ја прочита историската Декларација за независност. И покрај тоа што кариерата му ја следеа бројни афери и корупциски обвинувања, ја зачува политичката моќ и во 2016 година стана претседател на државата, постојано повторувајќи дека дејствувањето на ОВК било исклучиво праведна одбрана од српската репресија.

Четворицата команданти на ОВК се во притвор во Хаг од 2020 година, кој ќе им биде пресметан во казната. Судскиот процес против нив започна во 2023-та година.