Респираторните инфекции ги полнат педијатриските оддели
Зголемен број на прегледи и хоспитализации во Клиниката за белодробни заболувања кај деца Козле во екот на сезоната на респираторни и вирусни инфекции.
Викендот според амбулантските евиденции доминираат пациенти со ларингити, како и случаи со влошување на постоечката хронична состојба за кои е потребно и болничко лекување.
На кислородна поддршка поради отежнато дишење се пет деца.
- Овие временски промени предиспонираат ларингити, имаме доста такви прегледи, децата што се со астма што се повеќе внатре и што се алергични на домашна прашина веќе имаме егзецербации на астмата и тука се децата со горно и долно респираторни инфекции, со симптоми на течење на нос, кашлица, зголемена температура, бронхити и пневмнии, вели д-р Филип Доскимовски, специјалист педијатар во клиниката Козле.
Засега нема лабораториски потврден случај на грип кај деца иако во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 61 заболен со симптоми слични на вирусот минатата недела, 5 се на возраст до 14 години.
И малите деца до петгодишна возраст се во ризичните групи за бесплатна вакцинација, но и покрај апелите на педијатрите, извештаите низ годините покажуваат дека мал број примаат вакцина против грип.
- Секогаш апелираме пред да почне сезоната на грип, родителите да ги вакцинираат своите деца бидејќи во групата на бесплатна вакцинација се и децата од 6 месечна до 5 годишна возраст. Ова е многу важно бидејќи инфлуенцата не е само вирус кој предизвикува респираторни тегоби, туку и системски и невролошки и може да има доста тешка клиничка слика кај децата, вели д-р Доксимовски.
Според бројките на заболени со симптоми слични на грип – 227 досега, од Институтот за јавно здравје велат дека се уште не е достигнат епидемиолошкиот праг за влез во сезоната на грип.
Од ризичните групи досега вакцина примиле над 5.000 граѓани и најголем број од нив се повозрасна популација кај кои вирусот може да предизвика сериозни компликации и влошување на здравсатвената состојба.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
