Македонија
22. January 2026 - 14:32

МЗ: Новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува забрана за рекламирање, промоции - приоритет е заштитата на децата

Јавното здравје пред комерцијалниот интерес - забрана за рекламирање и промоција на тутунски производи, се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство.

Новиот предлог-закон за заштита од пушење, како што се посочува во соопштението, предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија. Овие законски одредби, како што се појаснува, се однесуваат на објави во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, како и на настани, наградни игри, попусти, подароци.

- Лесната достапност и видливоста на производите го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите, а намалувањето на видливоста е една од најефикасните мерки за превенција. Заштитата на децата е апсолутен приоритет - оценува министерот за здравство Азир Алиу во пишаната изјава.

Дополнително, покрај забраната за продажба на малолетни лица, не само на класични цигари, како што се нагласува во соопштението, туку и на сите останати никотински производи, со воведува и забрана за јавно изложување тутунски и никотински производи на продажни места, како и за продажба на тутунски и никотински производи во угостителски објекти, спортски и културни објекти и јавни настани.

- Рекламирањето директно влијае врз започнување на пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се превенираат прикриените форми на промоција на овие производи. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес - појаснува министерот Алиу. 

 

МИА

Ново на Сител