На интернет просторот во Македонија „врие“ од лажни вести
Брз прст лажни вести носи“ е овогодинешното мото на јубелното петто издание на „Деновите на медиумска писменост“. Со фокус на дезинформациите на денешната панел дискусија, првиот човек на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски кажа дека на интернет-просторот во Македонија преовладувале лажни вести. Според него, традиционалните медиуми биле поотпори на оваа појава.
„Процесот на подигнување на медиумската писменост е доста тежок. Како ММП и како државна институција сме упорни и истрајни да направиме се да го подигнеме нивото на медиумска писменост“, рече директорот на АВМУ.
Според анализата на експертите, во последните три месеци најмногу дезинформации се пласирале за актуелните војни во Украина и Израел, како и односите помеѓу Србија и Косово. Додаваат дека лажните вести биле моќна алатка за нарушување на односите и меѓу земјите во Западен Балкан.
-Неопходно е сите државни институции, сектори во општеството, не само граѓанскиот и медиумскиот, туку и приватниот сектор, особено академската заедница, истражувачите, образовните институции, медицинскиот сектор, сите заедно да работат и да ги согледаат прашањата кои се поврзани со медиумска писменост во нивната област и да им помогнат на граѓаните да го развијат овој збир на вештини и знаења кој се нарекува медиумска писменост, изјави Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси Фондација Метаморфозис .
За надминување на овие состојби надлежните порачуваат медиумите во целост да се залагаат за почитување на новинарските стандарди, но потенцираа и дека се потребни повеќе финансиски средства за борбата против лажните вести.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
