Македонија
24. August 2025 - 19:46

На кулата на АЕК ќе има панорамски ресторан - сообраќај до врв на Водно не е опција

Светна 155 метарската кула на АЕК на Водно. Од вчеравечер на Водно покрај крстот, јасно се гледа и импозантното издание на телекомуникациската кула која ја градеше агенцијата. Градежните работи по 12 години се речиси целосно завршени вели директорот на АЕК. Оваа кула освен што ќе служи за контрола на радиофреквенции ќе биде и туристичка атракција. Акику за Сител вели дека на врвот на кулата предвиден е простор за ротирачки- панорамски ресторан со капацитет за околу 15маси. Останатите три платформи се резервирани за опрема и канцеларии на полицијата и војската.

Простор за кафетерија  има и во приземјето од кулата но дали и на кој начин ќе се менаџираат се уште не е утврдено.

Граѓаните кои редовно се рекреираат на Водно преку социјалните мрежи жестоко реагираа на најавите бидејќи се против да се отвори пат за сообраќај до врвот на планината. Директорот смирува дека такво нешто засега не е предвидено бидејќи работите не се целосно завршени и допрва ќе се одлучува кој ќе го стопанисува просторот. Според Акику до кулата ќе се стигнува како и до сега, со жичница или пеш.

Асфалтната површина која води од средно до врв на Водно ниту е пат ниту пак има услови за сообраќај велат од Град Скопје.

Се работи за пешачка патека која е регулирана со рампа токму поради заштита на парк шумата Водно. До сега не е пристигнато никакво барање до град Скопје од каде што објаснуваат дека надлежноста за измени во сообраќајните решенија е надлежност на СВР Скопје.

До сега, градот допуштал возила со претходна најава но единствено за потребите на службите на градските претпијатија кои менаџираат со жичницата, возила на АРМ и АЕК.

Кулата на АЕК се гради од 2013година.Вредноста на договорот за градежни работи е околу 18 милиони евра.