На Србија ѝ се заканува губење на 1,5 милијарди евра од фондовите на ЕУ

Србија може да загуби до 1,5 милијарди евра од фондовите на Европската Унија, бидејќи Европската комисија размислува за суспендирање на финансирањето поради пад на демократијата и блиските врски на Белград со Русија, пишува Политико.
Иако не е членка на ЕУ, од почетокот на преговорите за пристапување во 2014 година, Србија има право на средства и грантови наменети за спроведување на реформите.
„Се повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија“, изјави за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.
„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до потиснување на протестите и постојано мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата се уште ги исполнува условите за исплаќања од финансиските инструменти на ЕУ“, рече Кос.
Во изминатите недели, во ЕК се зголемува притисокот за замрзнување на средствата, потврдија за Политико четворица претставници на ЕУ кои работат на прашања од проширувањето под услов да останат анонимни.
Унијата веќе јавно ги критикуваше судските реформи што ги промовира српскиот претседател Александар Вучиќ, чија влада се соочи со масовни протести.
Даниел Апостоловиќ, амбасадор на Србија во ЕУ и главен преговарач со блокот, за Политико изјави дека е „убеден дека нема да стигнеме до таа точка“ на суспензија на финансирањето и дека Србија „не се откажува од полноправно членство во ЕУ“.
Тој додаде дека Белград води интензивни разговори со Комисијата.
Кос го нарече пакетот закони за реструктуирање на судовите и промена на начинот на назначување на судиите и обвинителите, кога беше објавен, „сериозен чекор назад“ за Србија.
Се очекува Венецијанската комисија, советодавното тело на Советот на Европа за уставно право, да даде свое експертско мислење за контроверзните законски измени на крајот од месецот.
Двајца претставници на ЕУ сигнализираа дека мислењето може да ја натера Комисијата да го замрзне финансирањето.
Кос рече дека ќе бара од Србија „да ги усогласи своите судски закони со препораките на Венецијанската комисија“, а Апостоловиќ одговори дека Белград „јасно соопштил“ дека ќе ги следи препораките „штом ги добие“.
ЕУ е најголемиот финансиски поддржувач на Србија, со повеќе од 586 милиони евра доделени грантови од 2021 до 2024 година. Покрај тоа, обезбедени се до 1,5 милијарди евра условени од реформи.
Според податоците од српската влада, земјата добила повеќе од 7 милијарди евра средства и инвестиции од ЕУ од 2000 година.
Софија Тодоровиќ, директорка на Младинската иницијатива за човекови права (YIHR), за Политико изјави дека слободата на медиумите и владеењето на правото во Србија се „на коцка“ поради притисокот на владата врз новинарите и ја повика Комисијата да интервенира „пред да завладее речиси целосен мрак во Србија“.
„Како земја-кандидат, очекуваме и Србија да застане на наша страна во надворешната политика и поблиску да се усогласи со нашите ставови“, заклучи Кос за Политико, без конкретно да ја спомене Русија.
МИА
Ново на Сител
-

Зголемена фреквенција но не и застој
-

Велики петок, најтешкиот ден во христијанството
-

Историски исчекор за МПЦ во Италија
-

Утре САД и Иран на преговори во Пакистан
-

Унгарија пред политички крстопат – сè е подготвено за изборите в недела
-

Православните христијани го одбележуваат Велики петок, најтажниот ден во годината
-

Велики Петок - Создателот пострада за своето создание, за да го спаси и да му ги искупи гревовите
-

Велигденските празници го наполнија Охрид
