Македонија
14. September 2022 - 16:30

Набавени вакцини - од средината на октомври ќе се вакцинира против сезонски грип

Ковид пандемијата стивнува, доаѓа сезоната на грип. Кој вирус ќе доминира и ќе ги полни болниците лекарите незнаат, но здравствениот систем мора да биде подготвен и адаптиран за есенскиот период. Ова го констатирале членовите на Комисијата за заразни болести на денешниот состанок од каде информираа дека годинава вакцинацијата против грип ќе почне навреме кон средината на октомври а не како лани со еден месец задоцнување. Здравствените власти веќе го завршиле тендерот за набавка на 40 000 дози кои ќе бидат бесплатни за ризичните групи.

-Ќе треба да се постветиме и на двете заразни заболувања. Очекуваме оваа есен грипот да биде попроблематичен во споредба со лани тргнувајќи од искуствата што се во јужната хемисвера а кои потоа се пренесуваат и кај нас, како на пример во Австралија и Нов  Зеланд каде веќе завршува грипот, и таму имаа повеќе случаи на инфлуенца, што е загришувачки, вели др. Злате Мехмедовиќ потрпарол на КЗБ.

Доколку грипот земе замав и има потреба од поголема популација која треба да биде вакцинирана, од Комисијата велат дека ќе бидат активирани други механизми за набавка на дополнителни дози од веќе предвидените 40 000.

Ланската сезона имаше над 3600 пријави со грип и околу 50 000 вакцинирани со бесплатни и комерцијални вакцини.

Постарите од 60 години, лица со хронични заболувања и трудници се дел од граѓаните за кои е препорачана вакцината против грип.