Над 140 лица заинтересирани за скокање по светиот крст – манифестацијата утре почнува во 9 часот
Околу 140 лица се пријавиле за скокаат по светиот крст. Пријавувањето за учество во традиционалното спуштање на крстот во Вардар во скопски центар беше отворено од 3 јануари, а беше заклучено вчеравечер.
Потребни се лична карта и потврда од спортска медицина, заверка на картоните на самиот ден – 19 јануари. В понеделник во 7:30 часот секој што е запишан и има добиено картонче за учесник да дојде зад храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде ќе се стави печат на картоните и само така ќе бидат пропуштени од МВР покрај реката Вардар за да учествуваат во манифестацијата, информираат од МПЦ.
Малолетници можат да учествуваат со дозвола од родител и со потврда од спортска медицина и ќе треба да присуствуваат со родител.
Обележувањето на големиот празник Водици започнува во 9 часот од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје каде ќе богослужи поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архипископот г. г. Стефан.
По завршување на литургијата, богојавленските литии заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа околу 12 часот архипископот г. г. Стефан ќе го спушти Светиот и животворен крст во водите на Вардар.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
МВР за утре најави посебен сообраќаен режим.
Утре ќе бидат присутни екипи на Итната медицинска помош, како и припадници на Црвениот крст.
Освен во скопски Центар скокање по светиот крст ќе има и во Синќелиќ, и во Ѓорче Петров. За утре се очекуваат да бидат присутни голем број на верници.
Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
