Македонија
25. January 2024 - 17:04

Над 1600 со грип за една недела

Речиси двојно повеќе заболени со грип изминатите седум дена во споредба со претходната недела. Во Институтот за јавно здравје регистрирале над 1600 случаи и најризични градови се Дебар и Ресен каде има најмногу грипосани. 

Кај двајца пациенти хоспитализирани во Охридската болница и во ГОБ 8-ми септември е пријавено дека имаат двојна инфекција со грип и ковид истовремено, и во сезоната досега потврдени се 5 случаи на флурона.

Болничките капациенти и на Инфективна, Пулмологија, во Козле и на Детска се полни со болни меѓу кои доминира сезонската инфлуенца. И според статистиката од ИЈЗ, минатата недела дури една третина од заразените се деца до 14 годишна возраст. 

Битката со грипот за еден месец ја изгубија 6 лица кои имале по неколку хронични заболувања и не биле вакцинирани.

Откако бројките почнаа да растат и оваа сезона веќе има 5175 со грип, се зголеми и опфатот на вакцинација со грип – досега над 61 000 граѓани примиле вакцини, а препораката од Комисијата за заразни болести е да го направат тоа сите хронично болни.

Епидемиолозите очекуваат пикот да биде наредната недела, а колку ќе трае и ќе има ли нов бран ќе зависи од ширењето на вирусот.