Нагло порасна синдикалната кошничка, ССМ се подготвува за протести и генерален штрајк
Уште една илјадарка плус е потребна за да се „истурка“ месецот. Синдикалната минимална кошница за јануари повторно порасна и изнесува 66.413 денари. Тоа е за 921 денар повеќе во споредба со декември лани. Уште потешко е за домаќинствата што живеат под кирија. Со изнајмен стан од 60 квадрати, кошницата се доближува до 82 илјади денари.
Поскапување има кај облеката и обувките, а пораснале и сметките и за струја и греење. Сепак, најголем скок од над 500 денари има во делот за храна и пијалоци.
-Продуктите на мало се зголемуваат, кој 10, кој 20, кој 100 денари. Без никакви контроли и мерки и едноставно граѓаните си ги плаќаат овие цени, без притоа да знаат од каде се овие поскапувања, дали се оправдани или не. ССМ не само што ќе ги брка цените во маркетите да докаже со колку не се преживува месецов до крајот на месецот ќе излезе на голем работнички протест, кој најверојатно ќе биде повеќе денови и на повеќе места, а не се исклучува и можноста за генерален штрајк, како во јавен, така и во приватен сектор – вели Иван Пешевски од ССМ.
Премиерот Мицкоски неколку пати рече дека дел од ланците маркети го изигруваат Законот за нефер трговски практики и најави драконски казни, па дури и клуч на врата.
Минатата недела, пак, министерот за економија Дурмиши кажа дека нема големо поскапување, па поради тоа и нема да се носат мерки.
-Многу се паушални и неаргументирани наводите дека животот поевтинил или дека некој продукт има замрзнати цени, како што го изјавува тоа министерот за економија и труд. Нашиот апел е да си ги проверат службите и цените, а не да кажуваат дека животот е евтин кога гледаме дека не само на хартија, туку и во пракса е многу поскап од минатите години – изјави Пешевски.
Инаку пресметка за трошоците на четиричлено семејство ќе прави и Владата. Нема да биде минимална како сидникалната, туку просечна. Требаше да се применува од 1 јануари, но уште не е почната бидејќи се чекаат мислења од синдикатите и работодавачите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
