Најмалку 77 бродови поминале низ Ормускиот Теснец од почетокот на воените дејствија во регионот

Од почетокот на воените дејствија на Блискиот Исток, 77 пловила поминале низ Ормускиот Теснец, при што повеќето од нив се дел од таканаречената „флота во сенка“, покажуваат нецелосните податоци на водечкиот снабдувач со информации за превозот, трговијата со товар и услугите за проценка на ризикот „Лојдс Лист Интелиџенс“ (Lloyd’s List Intelligence).
- Регистриравме 77 поминувања од почетокот на месецот (март) низ теснецот, кој Иранската револуционерна гарда сака да го држи затворен – изјави Бриџит Дајкон, аналитичар во „Лојдс Лист Интелиџенс“.
За споредба, меѓу 1 и 11 март 2025 година, низ Ормускиот Теснец поминале 1.229 бродови, забележува компанијата.
Теснецот, сместен помеѓу Персискиот и Оманскиот Залив, има стратешко значење за извозот на нафта и природен гас од земјите од Заливот – низ него поминува околу една петтина од светското производство на нафта и една петтина од течниот природен гас (ЛНГ).
Техеран ги насочува своите напори кон Ормускиот Теснец како одговор на израелско-американските воздушни напади, со цел да го направи неупотреблив – стратегија која има за цел да и наштети на светската економија и да изврши притисок врз Вашингтон.
Од 1 март досега, 20 трговски бродови, вклучително и 9 танкери, биле нападнати или пријавиле инциденти во регионот, известува Центарот за поморски трговски операции на Обединетото Кралство (UKMTO). Меѓународната поморска организација (IMO) при ОН потврдува 16 инциденти, од кои осум со учество на танкери.
- Повеќе од половина од танкерите што превезуваат нафта и течен природен гас кои поминуваат низ теснецот се дел од флотата во сенка – истакна Дајкон.
Според дефиницијата на Меѓународната поморска организација, поимот „флота во сенка“ вклучува бродови кои „вршат нелегални активности со цел да заобиколат санкции, да ги избегнат регулативите за безбедност или животна средина, да ги намалат трошоците за осигурување или да учествуваат во други незаконски дејствија“.
- Овие пловила се навикнати на прекршоци и се посклони кон поминување – додава Дајкон, посочувајќи дека Иран, кој располага со голема таква флотила, „продолжува да извезува нафта“.
„Лојдс Лист Интелиџенс“ прецизира дека поминувањата низ Ормускиот Теснец досега главно биле извршувани од бродови поврзани со Иран (26 отсто), Грција (13 отсто) и Кина (12 отсто).
МИА
Ново на Сител
-

Младите од Црвениот крст во Струмица со мали проекти поттикнуваат хумани дела
-

Мицкоски во Кочани
-

Преглед на вестите од светот
-

Градот Скопје обезбеди 3 милиони евра за катни гаражи на Клинички
-

Тема на денот со Борко Ристовски, министер за спорт
-

Инспектор на ДЗС: „Пулс“ не ги исполнувал условите за противпожарна заштита
-

Комеморативна седница за годишнина од пожарот во Кочани
-

Ако маркетите не си останат на зборот и почнат со поскапувања, државата веднаш да интервенира, велат од ОПМ
