Свет
12. October 2026 - 9:08

Најмалку едно лице загина при нови напади на Хутите врз саудиските аеродроми

Најмалку едно лице загина во напад врз меѓународниот аеродром во саудискиот главен град Ријад, соопшти Саудиската управа за цивилно воздухопловство.

Пакистански државјанин загина во нападот извршен доцна синоќа, а уште најмалку 11 лица беа повредени, соопшти управата во изјава на X рано утрово.

Нападот предизвика и материјална штета, чиј обем моментално се проценува, соопшти управата.

Ова е втор напад врз аеродромот во два дена, откако во саботниот напад загинаа најмалку 12 лица, а повеќе од 300 беа повредени.

Управата за воздухопловство исто така извести за напад врз аеродромот „Крал Фахд“ во Дамам, кој исто така предизвикал штета.

Јеменските Хути презедоа одговорност за нападите и предупредија дека аеродромите и воздушниот простор на кралството се „легитимни цели“ за милицијата поддржана од Иран, со исклучок на Мека и Медина, кои се свети места за муслиманите.

Хутите изјавија дека извршиле четири напади во Саудиска Арабија во претходните 24 часа користејќи балистички ракети, крстосувачки ракети и дронови.

Според нивниот извештај, целите ги вклучувале двата аеродроми, гасна централа и нафтена рафинерија во сопственост на државната нафтена компанија „Арамко“.

Милицијата соопшти дека Саудиска Арабија извршила повеќе од 120 воздушни напади врз главниот град Сана и други провинции во тој период. Тврдењата не можат независно да се потврдат, нагласува ДПА.

Сојузничките држави од таканаречената Група Р4 – Турција, Египет, Пакистан и Кралството Саудиска Арабија, заеднички ги осудија нападите на милицијата на Хутите како „флагрантно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството“.

Во заедничкото соопштение, групата нагласува за „директна закана за нејзината безбедност, стабилност и безбедноста на цивилите, како и за опасна ескалација која не може да се оправда ниту да се прифати под кој било изговор“.

Хутите се борат против меѓународно признатата влада на Јемен повеќе од една деценија. Примирјето постигнато во 2022 година во голема мера го замрзна конфликтот, но не успеа да го отвори патот за траен мир.

Борбите неодамна повторно се разгореа во услови на пошироката војна во која е вклучен Иран, дополнително продлабочувајќи ја хуманитарната криза во Јемен.

Саудиска Арабија, еден од најголемите производители на нафта во светот, и претходно ги обвинуваше Хутите за напади врз цивилни објекти во кралството и извршуваше воздушни удари од одмазда врз цели на бунтовниците во Јемен.

 

МИА

Ново на Сител