Македонија
26. October 2025 - 16:39

Наколната населба во Дојран била изградена од повеќе мали платформи поврзани со мостови

Нови откритија на праисториската наколна населба во Дојран. Последните археолошки истражувања ги потврдија претходните претпоставки на археолозите дека наместо на една голема платформа, како што е случајот со населбата во Охрид, дојранската населба била изградена од повеќе мали платформи, поврзани со посебни дрвени мостови.

Истражувањата спроведени оваа година овозможиле влез во самата структура на населбата при што бил откриен објект поврзан со еден од дрвените мостови.

Пронајдени се и остатоци од колци што ги држеле платформите, што претставува материјална потврда за организацијата на населбата.

Археологот Зоран Рујак, кој веќе една деценија ги води истражувањата на овој локалитет, оценува дека археолошката кампања спроведена оваа година е една од најуспешните досега бидејќи се добиени значајни податоци за начинот на живеење, развојот и функционалната поставеност на населбата, но и за причините поради кои таа, во одреден историски момент, страдала. 

Врз основа на добиените резултати и археолошки наоди од праисториската населба, во Стар Дојран е планирана изградба на музеј на вода, реплика на наколната населба со објекти реконструирани според конкретните истражувања. Завод и музеј Струмица веќе има изработено идеен проект за наоѓалиштето, а во текот на следната година е предвидено да се пристапи кон подготовка на основен проект, за кој е поднесено барање до Министерството за култура и туризам.