Наместо карневалско чудо, пазарен ден во Струмица
Наместо традиционалното шаренило од маски, во Струмица денеска вообичаен саботен ден. Маските ги нема, но улиците се полни со народ. Сабота во Струмица е пазарен ден па поради тоа голем дел од граѓаните го искористија за на пазар и вообичаените неделни набавки, дел излегле само да прошетка, а убавото сончево време беше добар повод и за кафе средби. Одлуката за одложување на карневалот за дел од граѓаните е оправдана, додека други сметаат дека тој сепак требаше да се одржи.
Загрижени се поради појавата на корона вирусот, но сепак не се плашат од негово проширување. Велат, ги следат препораките дадени од надлежните здравствени власти.
Во Струмица денеска забележавме и неколку групи на бугарски државјани. Како и секој викенд и денес овде дошле на пазарење. За влез во државата чекале околу два часа поради зголемените контроли на границата.
Поради контакт со првата заразена со корона вирус во државата четири лица од Струмица и нивни блиски веќе неколку дека се во домашна изолација. Заради појава на симптоми карактеристични за овој вирус беше тестиран и возачот на комбето со кое се превезувале сите овие лица, а резултатите за среќа покажале дека тој е негативен.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
