Народната банка и Централната банка на Германија ја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети
Народната банка ќе ја продлабочува соработката со Централната банка на Германија со акцент на унапредувањето на институционалните капацитети во клучните области на централнобанкарското работење.
На средбата меѓу гувернерот Трајко Славески и членот на Советот на Централната банка на Германија, Бурхард Балц било нагласено значењето на постојаната меѓуинституционална соработка, особено во делот на размената на експертиза и практики што придонесуваат за градење отпорни институции и приближување до европските регулативи и стандарди.
- Поддршката којашто Народната банка ја добива од централната банка на Германија е од голема важност во процесот на модернизација и унапредување на експертските и техничките капацитети, велат од Народната банка.
Гувернерот Славески истакнал дека Народната банка е целосно посветена на усогласувањето на домашната регулатива и практиките со законодавството на Европската Унија, при што особено важна е соработката со Централната банка на Германија.
- Европските перспективи се од големо стратегиско значење за Народната банка, којашто посветено работи на реформски програми и на други стратегиски документи поврзани со интеграцијата во ЕУ. Народната банка постојано се стреми кон навремено воведување на европските стандарди во доменот на финансискиот систем. За овој факт се свесни и релевантните европски институции, коишто ја оценуваат како високо усогласена во подрачјата што се во нејзина надлежност, посочил Славески.
Посочил дека Народната банка во изминатите години се профилирала како модерна институција со силен капацитет и подготвеност за придружување кон европското семејство.
На средбата, како што соопшти прес-службата на Народната банка, било заеднички оценето дека европската регулатива постојано се унапредува, поради што е неопходно следење и применување на најновите регулативни измени и практики.
Балц изразил благодарност за долгогодишната соработка со Народната банка и го истакнал активниот придонес на Народната банка за напредокот на проектот Западен Балкан во фазата III. Посочил дека регионалната соработка меѓу централните банки и органите за супервизија на банките на Западен Балкан се покажала како ефикасна алатка за усогласување со стандардите на ЕУ и со најдобрите практики на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
Во рамки на досегашната соработка, Народната банка и Централната банка на Германија остварија бројни активности насочени кон размена на искуства, унапредување на аналитичките алатки и примена на најдобрите меѓународни и европски практики. Покрај обезбедувањето билатерална поддршка, Централната банка на Германија е и главен носител на техничката помош од Европскиот систем на централни банки за централните банки од регионот и во моментов се заокружува втората фаза од оваа помош.
МИА
Ново на Сител
-
Изгорени целосно две куќи во Лисиче, едно лице е повредено
-
Швајцарските глечери се топат со алармантна брзина оваа година
-
Запленета брендирана стока, приведен 30-годишник од Крива Паланка | ФОТО
-
Приведен 22-годишник од Гевгелија, при претрес на неговиот дом најдена е дрога
-
Нови правила за транспарентност за моделите на вештачка интелигенција во ЕУ
-
Судот во Флорида ѝ наложи на Тесла да плати 243 милиони долари отштета за фаталната несреќа со автопилот
-
Трамп вели дека Пауел од ФЕД треба да поднесе оставка
-
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова: Илинден е сржта на македонската историја, срцето на македонската република