Македонија
11. јуни 2024 - 16:36

Народниот правобранител истражува дали се повредени правата на пациентите со случајот „Хируршки сали“?

Колкави се листите на чекање на хируршките клиники, каде и како биле препраќани пациентите кои чекале операции? Ова се само дел од прашањата на Нардониот правобранител упатени до здравствените власти откако по сопствена иницијатива отвори предмет за случајот кој го бранува здравството со недели. Насер Зибери во изјава за Сител вели дека се работи за поголем јавен интерес и индиции за сериозна повреда на правата на пациентите.

-Бараме објаснување кога настанал проблемот, што е причината за неговото настанување, што е преземено од надлежните за надминување на проблемот, колку операции биле одложени и каков е третманот на пациентите кои се соочиле со ова, вели Насер Зибери, Народен правобранител.

Зибери вели досега не добиле повратен одговор ниту од Министерството за здравство, ниту од хируршките клиники. Но убеден е дека предметот ќе го третираат како повреда на правата на пациентите.

А можеше ли овој колапс на системот да биде избегнат ако секој си ја работеше својата работа?. Поранешниот министер за здравство Имер Селмани вели немало да дозволи да дојде до ваков колапс бидејќи постојано ќе бил во тек со случувањата. Според Селмани, одговорните за одржување на опремата потфрлиле бидејќи има протокол за експлоатацијата на апаратура и  простор.

-Ланецот на команда и одговорност не функционирало и затоа месец дена здравствените работници – хирурзите мака мачат како да оперираат пациенти. Морам и тоа да кажам и да го подвлечам со дебела црта – нереагирањето, непреземањето на соодветни мерки во смисла на големи инвестиции и нивно пролонгирање за иднина не доведе до тоа да ни колабира врвниот терциерен систем, вели Имер Селмани, поранешен министер за здравство. 

Проблемот на хируршките клиники трае веќе еден месец, но заеднички служби кои се надлежни за одржување на опремата се уште не го добиле дописот од Влада која им укажува за итна набавка на нова комресорска станица.

Додека чекаат на одговорните институции, на хирургија полека се враќаат во нормала но со преодно решение и надворешни компресори во дел од салите.

Дали и кој ќе понесе одговорност за сериозниот удар врз здравствениот систем?