Наскоро исплата на заостанатите субвенции за сточарство 2023 и 2024, за 2025 предвидени 1 милијарда денари
„Прашај ја Агенцијата’“ е насловот на новата кампања на Агенцијата за финансиска поддршка која започна од Прилеп на средба со одгледувачите на овци од цела Македонија. Беше истакнато дека за 2023 и 2024 година се изготвени сите потребни документи за исплата на заостанатите субвенции кон оваа категорија земјоделци, биле доставени до Трезор и се очекува наскоро истите да бидат исплатени. За 2025 година пак биле одделени 1 милијарда денари за мерката за сточарство, се очекува и тие да бидат наскоро обработени, но проблемот со неисплатените субвенциите од 2024 година останува, каде од 2.200 апликанти субвенции добиле само околу 800.
„За 2024 година беше ставен услов, ако во барањето пријавува 100 грла овци, без разлика од која возраст и пол се, 50% јагнињата од тие 100 овци да им бидат предадени во кланични капацитети. Луѓево го имаат исполнето тој број од 50%, но во Програмата е децидно кажано од вкупен број на пријавени грла стока, не се исклучени ниту младите нерепродуктивни грла и машките грла на стока, и тука се јавува проблемот кој што не можат да го постигнат односно да немаат предадено 50% во кланичните капацитети“, рече Даниела Еротова Лазарева, в.д. директор на Агенцијата за финансиска поддршка.
Сточарите побараа поголема и навремена поддршка од државата.
„Половина од сточарите не ги исполнија мерките и тие останаа без ниту еден денар за оваа година. Дали е по нивна вина или не беа доволно добро информирани за Програмата тоа не можеме да кажеме, но важно е едно сега, а тоа е да му се овозможи на сточарите да се вратат во живот, да се субвенционираат затоа што тие веќе останаа половината без пари“, истакна Боби Бошевски, здружение „Современ сточар“.
Се пожалија и на тоа дека моменталната цена на јагнето била само 230 денари за килограм, а тие бараат истата да не биде помала од 300 денари. А кланичарите во моментов воопшто и не го откупувале.
„Откупот е тежок, кланиците засега не ги земаат јагнињата, ни прават некои финти, за да потоа 5 до 12 ни ги земат евтини јагнињата“, додаде Марјан Стојкоски, здружение „Пелагониски сточар“.
Средбите на Агенцијата ќе продолжеле и во другите градови и со останатите производители на храна.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
