Живот
23. March 2026 - 14:09

Научниците предупредуваат: Сателитски податоци открија сериозен проблем - целата планета е загрозена

Анализа на сателитски податоци ги откри најголемите испуштања на метан во светот во текот на 2025 година, укажувајќи сериозен, но често занемарен проблем поврзан со климатските промени. 

Метанот, како исклучително моќен стакленички гас, има значително влијание врз затоплувањето на планетата, а неговите неконтролирани испуштања најчесто се последица на лошо одржување на инфраструктурата во нафтената и гасната индустрија.

Направеното истражување идентификувало десетици т.н. „Мега-протекувања“, при што секое од нив има климатски ефект споредлив со работата на една термоелектрана на јаглен. Дополнително загрижува фактот што ваквите проблеми често се технички лесно решливи, а во одредени случаи и финансиски исплатливи, бидејќи откриениот метан може повторно да се искористи како енергенс.

Според податоците од проектот „Стоп за метанот“ на Универзитетот во Калифорнија (UCLA), најголем број од овие протекувања се регистрирани во Туркменистан, земја чии емисии и претходно биле опишувани како „тешко сфатливи“. Сепак, проблемот не е ограничен само на една регија. Големи испуштања се евидентирани и во Соединетите Американски Држави, особено во Тексас, како и во Венецуела и Иран.

„Научниците нагласуваат дека ваквата состојба предизвикува фрустрација, бидејќи постојат едноставни решенија кои не се применуваат во пракса. Поради тоа, тие повикуваат на засилен јавен и политички притисок со цел проблемот да се сфати сериозно, известува Гардијан“.

Покрај индустриските извори, значителен дел од емисиите потекнуваат и од депониите, каде што со распаѓањето на органските материјали се ослободуваат големи количини метан. Најпроблематичните депонии се лоцирани ширум светот, меѓу кои Турција, Алжир, Малезија и САД. Научниците предупредуваат дека метанот денес придонесува за околу 25 проценти од глобалното затоплување и дека неговите емисии бележат загрижувачки раст од 2007 година наваму.

Овој тренд го зголемува ризикот од неизбежни климатски промени. Сепак, за разлика од јаглеродниот диоксид, метанот побрзо се разградува во атмосферата, што значи дека намалувањето на неговите емисии може да има релативно брз позитивен ефект. Поради тоа, дел од експертите го нарекуваат „итна кочница“ на климатската криза.

Но, благодарение на новата сателитска технологија прецизно биле лоцирани изворите на емисии, како и идентификувани одговорните компании. И покрај тоа, многу од посочените организации не ги сфатиле сериозно предупредувањата од експертите.

 

МИА