Наунов: Го почитуваме значењето на адвокатурата, затоа очекуваме професионалност и почит кон болката и траумата на семејствата

Свесни сме и го почитуваме значењето на адвокатурата во остварувањето на правдата и токму затоа очекуваме одговорност, професионалност и почит кон болката и траумата на семејствата, и порачаа семејствата на загинатите во пожарот во Кочани, како одговор на реакцијата на адвокатката на сопственикот на Пулс, Дејан Јованов-Деко, Ивана Коцевска.
Александар Наунов, во изјава за медиумите пред почетокот на денешното рочиште за пожарот на 16 март 2025, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, нагласи дека на транспарентите кои ги носеа родителите и блиските на загинатите, на 36. Марш за ангелите, во саботата во Кочани, се препознале многу други лица кои, вели, имаа физичка сличност со ликот, но никој од нив не реагираше и "никој не ја доживеа пораката како напад".
- Единствено вие, адвокатке Коцевска, излегувате со тврдење дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние, семејствата, не ве спомнавме, не ве нападнавме. Ние се бориме за вистината и за изгубените животи на нашите најмили. Ние организираме марш – тивок, достоинствен чин – за луѓе кои бараат правда. Тоа не е штрајк како вашиот, не е напад кон вас, а најмалку повик против адвокатурата. Свесни сме и го почитуваме значењето на адвокатурата во остварувањето на правдата и темелното начело дека секој човек има право на одбрана, па дури и оној обвинет за тешки кривични дела. Токму затоа очекуваме одговорност, професионалност и почит кон болката и траумата на семејствата, изјави Александар Наунов.
Изјавата на адвокатката Коцевска, Наунов ја оцени како "чиста небулоза", порачувајќи дека на угледот на правната заедница не му штетат родителите кои бараат вистинска правда и одговорност што им следува.
- Кога јавно зборувате за сочувство и емпатија, кои досега сте ги имале кон нас, родителите, мораме да ве потсетиме на вашите сопствени зборови, изговорени пред луѓе кои ги изгубија своите деца. На судењето рековте, цитираме буквално, дека обвинетиот требало да одговара за небрежност, а не за тешки дела, дека немал свест за врските. И најболната реченица која ја упативте беше: „Тоа е монструм, а за мене е обичен човек.“ Тоа ни го кажавте лично пред нас, родителите, кои ги погребаа своите деца. Тоа не е емпатија, тоа е суровост, изјави Наунов.
На самиот почеток на денешното рочиште, бранителката на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов, побара при секое наредно нарушување на редот, јавноста да биде исклучена.
- Сметам дека досега тоа што се дозволуваше мора да престане во оваа судница. За непречено водење на кривична постапка е неопходно да се воспостави ред, иако начелото на јавност е дел од секоја расправа, но, јавноста може да се исклучи. Мојот предлог е на првото следно нарушување на редот, дали било со довикување, закани, навреди, клевети, судот да донесе процесно решение и да ја исклучи јавноста, рече таа.
Судијката Дијана Груевска Илиевски одговори дека секое нарушување на јавниот ред ќе биде казнето, предупредувајќи дека тоа се однесува за сите во постапката, како оштетени, така и обвинети и бранители.
Родителите и блиските на загинатите, на 36. Марш за ангелите, во саботата во Кочани, разочарани, но и лути по тужбата која ја поднел синот на газдата против младите лица, кои ден по трагедијата поради трагичниот исход го демолираа кафе-барот Класик во Кочани, својот револт го искажаа преку транспарент, на кој е прикажана бранителката на газдата на Пулс, Дејан Јованов-Деко, адвокатката Ивана Коцевска, со куфери со пари.
По ова, Коцевска, излезе со реакција, поради употреба на нејзиниот лик на транспарентите, нагласувајќи дека досега се воздржувала од секакви напади во име на емпатичноста и сочувството со болката на родителите на починатите, меѓутоа, повеќе нема простор откако родителите, како што вели "си дозволија да организираат штрајк во кој мојот лик, злоупотребен и фотошопиран во небулозна форма која не само мојот, туку го нарушува угледот на секој еден адвокат".
- За ова треба и апелирам да реагираат сите надлежни органи во заштита на нашата професионална должност пред сè, а потоа и во насока на заштита на нашиот интегритет и достоинство како носители на правната заштита и владеење на правото, порача Коцевска, во јавната реакција.
МИА
Ново на Сител
-

„Како ќе контролира рудник, човек кој не може да реши 10 крави“ – Нови тензии меѓу Филипче и Митовски
-

Пекарите идната недела ќе одлучуваат за цената на лебот
-

Јаневска: Многу брзо ќе слушнеме нова неправилност поголема од онаа на Филозофски факултет
-

УГД станува хаб за сајбер одбрана во регионот
-

Еден загинат и тројца повредени градежни работници на градилиште во Кисела Вода
-

Спикерот Гаши домаќин на 20-та конференција на Јадранско-Јонската иницијатива
-

Стартап академија ги поврза младите од Македонија и Бугарија
-

Преглед на вестите од светот
