Не 7 дена, ќе седиме тука додека не се реши проблемот, велат транспортерите кои ги блокираат границите
Втор ден блокади на граничните премини во Македонија. Лентите за товарен сообраќај за влез и излез од државата остануваат затворени. Возачите преноќија во своите камиони. На Блаце, заедно со своите колеги и утринава беше Александар Чапаратков. По 15 години поминати зад волан, сега меѓу редиците камиони, времето не го брои во часови, туку во секојдневни загуби. Неизвесноста што трае е директен удар за егзистенцијата на целото негово семејство.
- Тоа ми е основен начин на заработувачка дома. Имам сопруга која не е вработена, мало дете, пет годишно. Многу работи зависат од мене, така што секој ден за мене е загуба на финансии, меѓутоа подобро така отколку да ме врати некој дома, или да и се јави на сопругата моја да и каже дојдете, земете си го мажот од аеродром, го вративме. Ако те застанат за контрола, тие веќе имаат увид колку дена си овде, ако си прекорачил, по автоматизам те ставаат во притвор, заедно со мигрантите што ги фаќаат, седиш ден-два, ќе си чекаш комбенце да те собере, без работи, без ништо. Не ти даваат да си земеш ништо лично твое, освен пасош и назад во матична држава – вели тој за Сител.
Според него, најдобро би било да им се дадат работни визи, како еден од предлозите кои ги спомена министерот за транспорт Николоски. Вчера од Европската комисија рекоа дека се работи на визна стратегија, но превозниците гледаат со сомнеж дека можеби е само обид да се тргнат камионите од границите. Затоа блокадите остануваат. Иако првично беше најавено дека ќе траат 7 дена, денеска велат – ќе бидеме овде додека не се најде решение.
- Колку е потребно да се седи, ќе се седи. Доколку правиме ние 7 дена, па паузи, па пак 7 дена, мислам дека нема да го има тој ефект како што би го имало со континуиран застој целосен. Ќе се сложат и многу мои колеги дека додека не се реши оваа ситуација мислам дека треба да се седи овде и да не се мрдне воопшто – изјави Чапаратков.
Премиерот е оптимист. Очекува да се надмине проблемот. Прашањето било отворено уште од септември, пред да се воведе новиот европски систем.
- Јас вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, таа е службено отсутна во Индија. Очекувам деновиве да се слушнеме и повторно да ја отвориме оваа тема и заедно со колегите од регионот повторно да ја ставиме на маса. ЕУ си има шенген-механизам до кој се држи и ние сега бараме варијанта како да им излеземе во пресрет на транспортерите - рече Мицкоски.
Протестираат и камионџиите во Србија, Црна Гора и Босна Херцеговина. На граничните премини ширум четирите држави се паркирани над 75 илјади камиони.
Српската стопанска комора пресметала дека штетите кои ги трпи Западен Балкан се 100 милиони евра дневно, само за извоз.
Протестите се резултат на новиот систем за влез и излез од ЕУ кој превозниците ги третира исто како туристи, па во период од 6 месеци им дозволува да престојуваат само 3.
Транспортерите велат дека целта на блокадите е да покажат што ќе се случи од април и како ќе биде прекинат синџирот на снабдување.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
