Нема да се прави ребаланс на буџетот за минималец од 600 евра
Ништо од предлогот на СДСМ преку ребаланс на буџетот да се обезбедат пари за минималец од 600 евра. Власта останува на ставот дека синдикатите треба да се договорат со работодавачите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ имале доволно време да спроведат економски политики кои ќе донесат повисоки плати, но наместо тоа, работниците биле оставени и без редовни плати.
- Тие одбраа политика на проценти, провизии и трпање на пари во приватни џебови, за да ја остават државата и работиниците без исплатени плати кои во моментот требаше да бидат исплатени, а да не збориме за повисоки плати и зголемен минималец. Она што Владата како работодавач го работи е да ја зголемува и минималната плата и платите на оние институции за коишто таа обезбедува плати и тоа го прави во континуитет овие две години, и во здравството и во образованието, и да не ги редам сите институции – изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
Планот на опозицијата е преку кратење на дел од две ставки во буџетот да се пренаменат пари кои ќе се искористат за зголемување на минималната плата на 600 евра и плус да се субвенционираат придонесите кај приватните фирми за и останатите плати да пораснат за 100 евра.
- Со кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, возила, мебел, патувања, репрезентации, договорни услуги, комфор на функционерите, се обезбедуваат 130 милиони евра. Со кратење на делот „разни трансфери“, од хонорари, времени вработувања се обезбедат дополнителни 75 милиони евра. Значи само со кратење само во овие категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра – кажа Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ.
Дополнително вчера Филипче кажа дека СДСМ ќе ја поддржи иницијативата на Сојузот на синдикати за намалување на функционерските плати за 80%. Премиерот Мицкоски вчера во телевизиско гостување оцени дека ваквиот предлог е неуставен, но до крајот на мандатот ќе се бара чаре. Претседателот на ССМ Трендафилов, пак, му врати дека е и уставно и законски.
- Промената на основицата за пресметка на функционерските плати од просечна на минимална плата е намалување на функционерските плати за -40% и намалувањето на коефициентите за сложеност за -40% е намалување на функционерските плати за дополнителни -40% а тоа значи да си ги намалат веднаш платите за 80% за да се вратат во реалноста во која живеат работниците – вели Трендафилов.
ССМ останува и на барањето за 600 евра минималец и поради тоа следната недела ќе бидат блокирани Собранието, Стопанската комора и Владата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
