Македонија
30. July 2025 - 19:46

Нема договор за раст на минималната плата на 500 евра

Нема договор за раст на минималната плата на 500 евра. Сојузот на Синдикати на Македонија разочаран по првата седница на Економско-социјален совет во Владата. Прашањето за покачување на минималната плата првично воопшто не беше ниту планирано да се отвори, но по барање на ССМ беше вметнато во дневниот ред. ССМ бара 500 евра минимална плата пред да бидат распишани локалните избори, со аргумент дека минималната плата во Македонија е најниска во регионот.

-За жал големо разочарување. Нема изгледи за зголемување на минималната плата. Тоа што го слушнавме внатре е дека ССМ многу бара и дека работниците многу бараат и дека доста ни е. И дека со тие плати треба да бидеме среќни што ги добиваме. Работодавачите за жал сметаат дека нема простор за зголемување на минималната плата во Македонија. Сметаат дека доволно ги плаќаат работниците и сметаат дека работниците не се продуктивни. Колку не плаќаат толку сме им продуктивни. Колку повеќе не плаќаат толку повеќе ќе им бидеме продуктивни, вели првиот човек на ССМ.

Работодавачите се децидни. Сега не е време за раст на платите поради состојбите во економијата.

-Секој пат зборуваме дека во овој период економијата каква што е, би требало да бидеме малку повнимателни, бидејќи зборуваме за намалена продуктивност, намалена работна активност, а тие се двигатели на сите економски развои и економски напредок на една држава. Особено, ова е многу сензитивно за малите и средните компании кои нема да можат да издржат зголемување на минималната плата, вели Владанка Трајковска од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Ставот на Владата е јасен. Доколку работниците и рабодовачите се договорат тогаш минималната плата може да порасне на 500 евра. Министерот за економија уверува, доколку се земе предвид куповната моќ во Европа, тогаш нивото во Македонија било некаде на средина, а македонскиот работник имал поголема куповна моќ од тој во Португалија, Кипар, Грција...

-Оваа година според Законот што определува утврдување на минималната плата таа е зголемена во месец март. Треба да имате предвид дека Владата нема да ги носи политиките како што ги носеше претходната власт. Поради тоа што треба да ја видиме и продуктивноста на работите. Не можеме да воведеме адхок качување на минимална плата за да на другата страна да имаме инфлација, како што беше порано – 15%, 10%. Нашите политики се инфлацијата биде до 3%, рече министерот за економија Бесар Дурмиши.

На седницата на ЕСС претставниците на Владата ја претставиле и методологијата за пресметка на просечна потрошувачка кошница. Во неа, според Дурмиши, ќе се земат предвид цените на околу 100 основни прехранбени производи и тоа кај повеќе различни трговци. Оваа кошница која ја подготвува Владата, според Дурмиши, ќе даде реален приказ на потребите на граѓаните. Сепак, на Советот не било разговарано за предлогот на премиерот Мицкоски да се направат повеќе кошници за различни видови на семејства.

Денешната седница на Економско-социјалниот совет беше прва по формирањето на оваа Влада. Сега за првпат репрезентативност, а со тоа право на глас, доби и Конфедерацијата на слободни синдикати. Премиерот очекува конструктивна и отворена дебата.

-Точно е дека постојат разлики по одредени прашања помеѓу Владата и дел од синдикатите, Како и со дел од другите чинители во рамки на овој Совет. Но тоа не е причина да нема дијалог. Напротив, тоа е дополнителна причина тој дијалог да биде поискрен и поотворен. Ако на сите нас ни е подеднакво важен интересот на граѓаните тогаш знам дека решенијата ќе бидат добри. Кога постои волја, постои и пат. А волјата тука денес ја има и од наша страна и од страна на социјалните партнери, рече Мицкоски.

По седницата на Економско-социјалниот совет евидентно беше дека трите синдикати кои беа присутни излегоа раскарани и немаа заеднички став за барањето на ССМ за раст на минималната плата од 500 евра.

-Не побараа апсолутно ништо. Односно се согласија со сето она што Владата го кажа. Затоа беа упадите во ССМ во изминатиот период, за Владата да си најде полтронски синдикат кој ќе седи на иста маса со неа и ќе ги поддржува нејзините владини политики на штета на работниците. Си го најдоа таков и нека им е со среќа на членовите на тој синдикат, вели Трендафилов од ССМ.

-Она што е исфрустрираност на некој од синдикатите не донесе до загрозување на платите во дел од администрацијата во државата затоа што премиерот јасно ја отвори темата зошто ССМ, УПОЗ не сакаат да ги потпишат Колективните договори во коишто се нуди 7-5-5-7, заедно со минималната плата секоја година покачување тоа би значело во просек некаде во 2028 покачување од 50-60% на платите на оние административци коишто немаат никакво покачување, вели претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски.

-Она што го слушам од претседателот на ССМ, верувајте во ред е така да се настапува. Меѓутоа, само се створа нервоза, разединетост. Еве јас пред сите кажав, ние сабајле имавме средба со КСС, јавно пред Влада и пред работодавачи понудив соработка и со ССМ, да седнеме да разговараме бидејќи од другата страна имаме организирани групи, дали е тоа Влада, дали се тоа работодавачи коишто знаат што сакаат, ама изгледа ние не знаеме што сакаме, вели Марјан Ристески од КСОМ.