Македонија
3. јуни 2024 - 16:33

Нема операции, пациенти си одат дома без интервенции

Тригодишно дете со скршена бутна коска, наместо операција си замина дома со гипс. Од Гостивар пред два дена го донеле на хируршките клиники со Брза Помош. Бидејќи не работи оперативниот блок лекарите им рекле на родителите да пробаат со гипсирана нога со надеж дека ќе му помине без интервенција.

-Збореа дека во Велес треба да се направи операција со тим на доктори од тука, но бидејќи има сега гипс ќе видиме дали ќе помине, ако не во петок операција, вели мајка на тригодишно дете.

Малото момче од Гостивар е едно од многуте пациенти кои трпат стресови и нервози поради одложени операции. Пред хируршките клиники имале и син чиј татко од внатрешноста веќе три недели чека за операција со малигна болест. Еднаш биле дома, повторно се вратиле вчера но незнае кога неговиот родител кој досега на двапати го подготвувале за операција ќе влезе во сала.

Освен за најитни случаи во сали со компресори од надвор, на хирургија веќе 17 дена нема оперативен програм и стотици пациенти за хронични операции имаат одложени и пролонгирани термини. Директорите досега не излегоа во јавност, а за смрдеата во хируршкиот блок од заеднички служби топката ја префрлаат на клиниките.

-проблемот може да го кажат само клиниките што користат операциони сали, бидејќи истите имаат и други одделенија, интензивна нега, интерни клиники сите користат комримиран воздух бидејќи е централно, вели Стојче Николовски од ЈУ Заеднички служби.

Компресорската станица работи, тврди Николовски и вели добиле препорака дека е пожелно да ја променат бидејќи е стара повеќе од 3 децении. Денеска повторно надзор правеше германска фирма.

-Ќе направат уште едно вонредно испитување тие носат и мини лабораторија. Дојдоа во нашиот дел, потоа ќе отидат и на клиниките, Ако има забелешки ќе кажат, вели Николовски.

За опремата во клиниките и нејзино сервисирање надлежна е Заеднички служби, за операции хирурзите но никој не влегува во сала ако не е безбедно. Во здравство чекаат резултати од германска лабораторија, допрва ќе бараат Владата да наложи итна набавка на компресорска станица. И во целиот овој лавиринт од надлежности и одговорности најмногу трпат пациентите кои си одат дома без направена операција.