Македонија
12. јуни 2025 - 16:33

Невладиниот сектор нотира: Пратениците носат закони по скратена постапка за да се задоволат апетитите на политичките гарнитури

Пратениците носат закони по скратена постапка за да се задоволат апетитите на политичките гарнитури, нотира невладиниот сектор. Поради ваквите состојби, оттаму велат дека Собранието треба да започне со креирање на механизми со кои ќе се врши антикорупциска проценка на регулативата којашто тие ја предлагаат. 

„Лани од вкупно 314 закони доставени во Собрание, 105 се поднесени од пратениците. Тоа значи дека 105 предлог на закони не биле предмет на проценка на влијание на регулативата, а уште помалку на антикорупциска проверка на легислативата“, изјави Снежана Камиловска Трпковска, Македонски центар за меѓународна соработка.

Од почетокот на 2025 година, носењето на закони по скратена постапка станува позачестена пракса. Па така, според статистиката на невладиниот сектор, во јануари од вкупно 14 доставени закони, исто толку се донесени по скратена постапка. Февруари од вкупно 15, 14 се донесени со скратена постапка. Ситуацијата не е поразлична ниту во март и април, каде од 24 предлог закони – 22 се донесени по скратена постапка, односно од 13 доставени, 9 се донесени по скратена постапка. 

„Собранието во континуитет го користи механизмот на скратена постапка за да носи закони коишто може да се толкува дека се по терк на одредена политичка гарнитура, односно политички апетити“, ијзави Снежана Камиловска Трпковска, Македонски центар за меѓународна соработка.

Од Институтот за демократија нотирааат дека нема ниту доволно надзорните расправи во Собранието. Според нив, тоа ја уназадува и борбата со корупцијата во законодавниот дом.