Ние сме против ад хок зголемување на плати без раст на продуктивноста, велат од Министерството за економија
Минималната плата во март ќе се зголеми според закон – околу 25 евра. Ден по најавата на ССМ за протести, од Министерството за економија остануваат на ставот дека нема простор за дополнителен пораст.
- Ние како Министерство го почитуваме трипартидното законско решение и сме против ад хок зголемување на плати, без раст на продуктивноста. Особено што ад хок решението ќе ги зголеми и платите во јавниот сектор, што дополнително ќе го оптерети приватниот сектор – велат од Економија за Сител.
Но, синдикатите тврдат дека македонските работници не само што се продуктивни, туку создаваат и сериозна добивка за своите компании. Во анализата на ССМ пишува дека секој работник не само што ја заработува сопствената плата, туку истовремено: ја обезбедува платата и бонусите на директорите и менаџерите, го финансира луксузниот живот на работодавачите, остварува чиста добивка за газдата во висина од околу една годишна работничка минимална плата.
Зад овие тврдења, синдикатите ставаат бројки. Во градежништвото, велат, нето-добивката по вработен во 2024 година достигнува и до 600 илјади денари. Во трговијата и услугите – околу 300 илјади, а во ИТ-секторот – повеќе од 400 илјади денари по работник.
Податоците на Сојузот на синдикати покажуваат дека од јануари 2022 до декември 2025 година трошоците за живот бележат „драматичен раст“. За само четири години, синдикалната минимална кошница се зголемила за над 82%.
Денешната минимална плата покрива само околу 37 проценти од основните месечни трошоци. Со други зборови – работникот со минимална плата мора да заработи речиси три минимални плати за да може да ги покрие најосновните потреби на своето семејство.
Ниту просечната плата не нуди сигурност. Таа покрива помалку од 70 проценти од реалните трошоци.
Поради ваквите состојби, ССМ бара минимална плата од 600 евра и пораст на сите останати плати за 100 евра. Овие барања ќе ги изнесат и на улица – на протест во среда, во 17 часот, пред Работничкиот дом.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
