Македонија
14. August 2026 - 16:40

Николоски: Протестите не се решение, со билатерални договори го решаваме проблемот на превозниците

Владата ги поддржува превозниците, но смета дека протестите не се најдобриот начин за надминување на проблемот со престојот во Шенген. Вицепремиерот Николоски вели дека има впечаток оти притисокот за блокади на граничните премини доаѓа од соседството и има политичка заднина.

„Она што го добив како чувство е дека една соседна држава прави притисок за таа работа, пред сѐ од политички причини. Нека си ги решаваат своите проблеми, ова е индивидуален пристап којшто ние го имаме, а не колективен. Ние сме засебна, суверена, независна држава и ќе ги решаваме проблемите онака како што ние мислиме дека е најдобро, а другите држави нека си ги решаваат како што тие мислат дека е најдобро“, изјави Николоски. 

Македонија го решава проблемот со билатерални договори со земјите од Шенген, преку издавање работни визи. 

„Веќе имаме такви договори со Хрватска, со Швајцарија и со Романија. Интензивно работиме со Австрија, со Унгарија и со Германија и на тој начин ќе бидат покриени земјите каде што нашите превозници најчесто извезуваат или низ коишто најчесто транзитираат. Очекувам во тек на октомври месец да започнеме разговори и со Словенија и на тој начин целата рута е покриена, така што тоа е нашата целосна поддршка. За сѐ останато треба Европската Унија да изнајде решение“, кажа тој. 

Превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора во вторникот на состанок ги договорија барањата и следните чекори. Бараат додека почне со примена новата визна стратегија на Европската Унија, како привремено решение да не им се бројат денови, туку часови и минути, бидејќи сега и со неколкуминутeн транзит низ земја во Шенген нив им се брои како цел ден. 

Како второ решение беше споменато визите кои, на пример, ќе ги издава Хрватска да важат и во другите држави. Сепак, транспортерите се пожалија дека времето ги гази и дека за да почне примената на визите кои беа изгласани во хрватскиот парламент ќе треба да се донесат и ред други правилници за кои ќе бидат потребни месеци, а бројот на возачи кои немаат надминато 90 во 180 дена секој ден се намалува. 

Затоа сите превозници од Западен Балкан побараа директна средба со Европската Комисија и се договорија дека ако нема решение на состанокот на високо ниво закажан за на први септември, веднаш да се организираат и да ги блокираат граничните терминали, исто како во јануари годинава. За разлика од тогаш, сега велат дека нема да се повлечат само со ветувања дека проблемот ќе се надмине, туку ќе чекаат реална имплементација на решението.