Фудбал
21. August 2017 - 19:45

Без Шиков и Мојсов во следните квалификациски дуели против Израел и Албанија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски по објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварите со Израел и Албанија ги искажа очекувањата од натпреварите во рамки на циклусот за пласман на СП 2018 година.

Предводникот на „црвено-жолтите“ на прес-конференцијата истакна дека очекува добрата форма на фудбалерите на клупски план да се преточи и во репрезентацијата и да се подигне нивото на игра.

- Тоа што го најавив од првиот ден сега започнуваме да го остваруваме, а тоа е создавање на  тим кој долго време ќе игра во репрезентацијата. Ме радува што поголем дел од репрезентативците се дел од големи клубови и играат во одлична форма. Несторовски и Трајковски играат одлично, Алиоски е еден од клучните во Лидс, тука е и Енис Барди кој ги врати нашите претставници во Примера. Се надевам дека нивните клупски ангажмани и нивната форма ќе се преточи во репрезентацијата и ќе го подигнеме нивото на играта, истакна селекторот.

Дени Илиев од Арсенал се враќа во натпреварувачка форма и го повикав да му дадеме мотив плус, сепак се работи за наша голманска иднина. Во одбраната се повикани фудбалерите од златната генерација до 21 година, Велковски, Зајков, Муслиу, кои одлично одиграа на ЕП и заедно со Ристовски, Ристевски, Тошевски сметам дека на вистински начин ќе одговорат на задачите. Во средниот ред имаме најмногу фудбалери од причина што имаме два меча во три дена, ќе ни треба ротација, посочи Ангеловски.

Во рамки од 7. коло од квалификациите за Светското првенство во Русија, на 2 септември, македонските репрезентативци ќе му гостуваат на Израел, а три дена подоцна ја пречекуваат репрезентацијата на Албанија.