Loading Video...
Фудбал
4. July 2018 - 18:48

СП Русија: Англија има добар распоред за финале

Екстра возбудувања за љубителите на фудбалот приредија фудбалерите на Англија и Колумбија на последниот дуел од осминафиналето на СП во Русија. Англичаните за првпат минаа пенал рулет на еден Мундијал и ќе играат четвртфинале.

Англија беше на прагот да го реши натпреварот уште во регуларниот дел бидејќи водеше од 56 минута  со голот на Хари Кејн од пенал.

Но сепак Колумбија беше упорна и во 93м дефанзивецот Мина успеа да донесе израмнување. Селекцијата од Јужна Америка се обиде во првото продолжение да дојде и до предност но не успеа па по внимателната игра во второто продолжение се пристапи кон изведувањето на удари од белата точка.

Јунак на мечот беше резервистот Ерик Даер кој го погоди последниот удар од пенал-серијата откако претходно Хендерсон не реализира за Англија а кај Колумбија промашија Урибе и Бака.

Англија покрај учеството во четвртфиналето има и добар распоред. Првиот дуел е со Шведска па во евентуалното полуфинале би играле со подобриот од дуелот Хрватска-Русија  и ги избегнува Франција, Бразил и Белгија со кои може да се сретне само во финалето.