Македонија
1. December 2018 - 17:01

365 случаи на насилство врз жени во Прилеп - по едно во секој ден од годината

Прилеп високо котира во однос на насилството врз жените во Македонија. За 2018 година регистрирани се 365 случаи од страна на Центарот за социјална работа, практично секој ден во годината по еден случај. Застрашувачки е фактот што голем број од овие случаи се рецидиви на семејното насилство, застарени случаи кои повторно се активирале. Се стравува дека бројката е далеку поголема бидејќи се уште има жени кои не го пријавуваат насилството.

„Превземаме одредени дејствија во функција на она што значи психолошка, економска или едноставно социјална, прва правна помош. Оние коии се со животно загрижувачка потреба на некоја помош ги активираме и шелтер центрите во Македонија“, рече Живко Силјаноски, директор на Центар за социјална работа Прилеп.

Жените признаваат дека насилството врз нив е се поприсутно. Како главен фактор ја наоѓаат финансиската зависност на жената од мажот.

„Жените се срамат да го кажат тоа поради тоа што знаете во малите места ние се познаваме сите и затоа го кријат тоа, а го има, има насилство“, вели една прилепчанка.

„Треба да иима повеќе трибинии за да може да се ослободат жените или пак директно да се оди во нивните домови или пак да бидат послободни спрема институциите ии да си гии кажат проблемите“, вели друга прилепчанка.

„Мажите мислат дека треба да се доминантни, дека треба да бидат број 1. Ако си финансиски зависна тоа е, немаш право на глас“, вели друга прилепчанка.

Во Прилеп денеска се одржа настан како дел од кампањата 16 дeна активизам за борба против насилството врз жените. Ваквите случаи ќе може да се пријавуваат и комисијата за родова еднаквост при Општина Прилеп

„Имаме во предвид нареднава недела да се одржи панел трибина и дискусија која што ќе придонесе за развој на јавната свест за поттикнување на борбата против семејно насилство“, кажа Јулијана Цековска, претседател на комисија за родова еднаквост.

Експертите со став дека единствено решение за овој проблем е да се слушне гласот на жената и тие да не го кријат насилството туку без страв да ги пријавуваат случаите во соодветните институции кои ќе им помогнат.